Safvan Allahverdi
18 Септември 2017•Ажурирај: 19 Септември 2017
КОКС БАЗАР (АА) - Турските хуманитарни агенции вчера доставија храна за муслиманите Рохинџа на границата со Бангладеш, јавува Anadolu Agency (AA).
Пакети со храна, вклучително и ориз, масло, наут, брашно, сол и шеќер, беа дистрибуирани до 1.300 семејства во Балукали, еден од петте најголеми бегалски кампови долж границата.
Законот усвоен во Мјанмар во 1982 година ги негира Рохинџите (кои со генерации живеат во Мјанмар), нивното државјанство, им ја одзема слободата на движење, пристапот до образование, услуги, и дозволува произволна конфискација на нивниот имот.
Претседателот на Турската Црвена полумесечина, Керем Киник, ја опиша областа каде што се наоѓаат бегалците како многу тешка, и рече дека на границите на Бангладеш се наоѓаат над 400.000 Рохинџа муслимани, при што повеќето од нив не се во можност да дојдат до соодветни средства за хигиена, храна и до здравствена заштита.
Тимовите на Турската Црвена полумесечина се во преговори со властите на Бангладеш за одредување на потребите на бегалците и за отворање пат за хуманитарната помош.
Киник изјави дека Турската Црвена Полумесечина постигнала договор со Владата на Бангладеш за изградба на повеќе трајни и уредени кампови.
„Овој камп ќе биде како град со капацитет за речиси 100.000 Рохинџа бегалци, со многу подобри услови, како соодветна инфраструктура, здравствени услуги, училишта и религиозни служби и болница“, рече Киник.
„Овој камп ќе ѝ овозможи на Турција да обезбеди подобра хуманитарна помош за оние на кои им е потребна“.
Агенцијата му помага на Аракан од 2012 година и таму има своја филијала.
Во меѓувреме, волонтерите од други хуманитарни агенции, како што е Фондацијата за хуманитарна помош на ИХХ, Садака Таши и Меѓународната асоцијација за помош и развој (ОНСУР), исто така помагаат во камповите.
„Луѓето тука се во ужасни услови како што гледате, затоа ние дојдовме за да им помогнеме колку што можеме“, рече Хаџи Дурсун Тунч, волонтерски координатор од турската агенција за помош Садака Таши.
Тунч изјави дека пред четири дена дошол во регионот со своите пријатели од Турција и оти ќе направи сѐ за тие да се чувствуваат подобро, дури и ако е премногу тешко да се успее.
Муслиманското малцинство Рохинџа, окарактеризирани од страна на ОН како најпрогонуваното малцинство во светот, се соочува со зголемен страв од напади, бидејќи многумина беа убиени во насилствата во 2012 година.
Минатиот октомври, по нападите врз пограничните позиции во подрачјето на Мунгдау, Аракан, безбедносните сили на Мјанмар започнаа петмесечна операција во којашто беа убиени околу 400 лица.
ОН ги документираа масовните силувања од страна на бандите, убиствата, вклучувајќи бебиња и мали деца, брутални претепувања и исчезнати лица, злосторства извршени од страна на безбедносните сили.
Во извештајот, истражувачите на ОН истакнаа дека прекршувањето на човековите права претставува злосторство против човештвото.
Нов бран насилства избувна во Аракан пред околу две недели, кога безбедносните сили започнаа операција против Рохинџите.
Бангладеш, кој веќе вдоми 400.000 Рохинџа бегалци, се соочи со нов прилив на бегалци по започнувањето на операцијата на безбедносните сили на Мјанмар.