Hakan Çopur
20 Септември 2017•Ажурирај: 20 Септември 2017
ЊУЈОРК (AA) – Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека референдумот во северниот дел од Ирак е голема грешка што не би требало да се направи и додаде дека Турција уште од почетокот, кога тоа никој не го правел, ја бранела целовитоста на Ирак, пренесува Anadolu Agency (AA).
На маргините на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, во интервју за американската телевизија „PBS“ (Пи-би-ес), Ердоган ги коментираше актуелните регионални и глобални прашања.
Осврнувајќи се на планот на Курдската регионална управа на северот на Ирак да одржи референдум за независноста, на 25 септември, турскиот претседател рече дека референдумот не би требало да се одржи.
„Таму заедно живеат Арапи, Туркмени и Курди. Турција не може да прифати таков референдум со оглед на тоа што со Ирак делиме 350 километри граница. Со тоа не се сложува ниту Иран, ниту владата на Ирак. Тоа е неприфатлив потег на северот на Ирак“, порача Ердоган.
Тој ја коментираше и американската поддршка на групата ПЈД/ЈПГ, која е сириски огранок на терористичката организација ПКК, и истакна дека тоа се терористички групи против коишто Турција војува.
Ердоган потсети дека и САД на листата на терористички организации ја има ПКК, но оти е проблем што САД групата ПЈД-ЈПГ не ја гледа како огранок на ПКК. Исто така, турскиот претседател потсети дека САД до Турција доставија податоци за оружјето што Америка ѝ го достави на таа група во Сирија и оти е ветено дека оружјето ќе биде одземено по завршувањето на борбата против ДЕАШ.
„Да се борите против терористите на ДЕАШ во Рака преку такви терористички групи не е исправно. Можевме таа борба да ја водиме заедно. Одлуката на САД да се борат заедно со ПЈД/ЈПГ е грешка. Тоа им го реков и на највисоките функционери на САД и ги прашав како можат да им го дадат оружјето на терористите“, рече Ердоган.
Турскиот претседател, исто така, рече дека е нелогично САД на Турција да ѝ продава оружје, а на терористите во Сирија бесплатно да им го подарува. Тој го наведе и примерот на дроновите „Предатор“, кои Америка не сакала да ѝ ги продаде на Турција, а им ги продаде на терористите.
„Сакам тука да појаснам некои работи, да не дојде до забуна. Тука не се работи за Курдите, туку за терористичка група. Сакам тоа да го нагласам, бидејќи ние не сме против Курдите, туку сме против терористите. Курдите се наши пријатели“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека Турција активно и решително се бори против терористичката организација ДЕАШ, Ердоган рече дека турските сили досега убиле повеќе од 3.000 терористи на ДЕАШ.
Осврнувајќи се на договорот на Турција со Русија за купување на ракетниот систем S-400, Ердоган рече дека Турција мора да ги покрие своите потреби на некој начин, но дека претходно тоа оружје го побарала од сојузниците на НАТО, вклучувајќи ги и САД.
„Тоа ќе биде инструмент на нашата одбрана. Системите S-400 постојат и во Грција, која исто така е членка на НАТО“, рече Ердоган и потсети на изјавата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој рече дека сите земји имаат право да одлучуваат за таквите прашања.
Терористичката организација ФЕТО на 15. јули минатата година изведе неуспешен обид за воен удар во Турција, а Ердоган во интервју за „PBS“ рече дека тоа е терористичка мрежа којашто со посредство на инфилтрирани припадници во војската и во другите институции се обиде да ја собори легално избраната влада на Турција, а ним сега им судат правосудните институции на Турција.
„Во тој случај, се чудам што САД терористите не ги нарекуваат со вистинското име. Вие првин на терористите треба да им кажете дека се терористи“, рече Ердоган.
Нагласувајќи дека Турција е силна колку што е силна и нејзината демократија, Ердоган рече дека за претседател на таа земја е избран на избори на кои излезноста била 85 проценти и на коишто освоил 52 отсто од гласовите. Тој додаде дека, и покрај сите овие факти, и понатаму некои кругови го нарекуваат диктатор.
На прашањето да го коментира односот на Турција со Европската Унија, Ердоган рече дека Турција во однос на тоа прашање е јасна и оти јасен и искрен став очекува и од Европската Унија, притоа додавајќи дека трпението на Турција не е бесконечно.