Haydar Karaalp
06 Ноември 2019•Ажурирај: 06 Ноември 2019
БАГДАД
Поради антивладините протести во Багдад се затворени пет моста, јавува Anadolu Agency (AA).
Во намерата да се ограничи движењето на демонстрантите, претходно се затворени мостовите „Ал-Џумхурие“, „Синек“ и „Ахрар“.
Денес за возилата и пешаците се затворени и мостовите „Шухеда“ и „Баб ал Муазам“.
На затворените мостови се распоредени и неколку стотици војници.
Дојде и до судири помеѓу демонстрантите кои се обидоа преку мостовите да дојдат до Зелената зона и припадниците на безбедносните сили.
За да се дојде до подрачјето во кое се наоѓаат одредени државни институции во Багдад, потребно е да се премине преку овие мостови. Откако тие се затворени за сообраќај, животот во главниот град е речиси парализиран.
За да дојдат до своите домови или работни места, многу жители мораат да пешачат и по неколку километри.
Антивладините протести и понатаму се во тек на плоштадот „Тахрир“, а од вчера е оневозможен и пристапот до интернет.
Поради тензиите меѓу припадниците на безбедносните сили и демонстрантите, затворени се и две подружници на банки.
Затворени се и влезови и излези во зграда на нафтена компанија чиј сопственик е Владата.
Антивладините протести во Ирак започнаа на почетокот на октомври, а новиот бран протести започна на 25 октомври. Во нередите на улиците досега животот го загубија околу 250 демонстранти, а ранети се неколку илјади.
Високата стапка на невработеност, корупцијата и сѐ потешката безбедносна и економска ситуација се причина за протестите.
Според податоците на Светската банка, Ирак е 12. најкорумпирана земја на светот, а стапката на невработеност на младите изнесува 25 отсто.