Enes Kaplan,Muhammed Ali Toruntay
26 Декември 2019•Ажурирај: 27 Декември 2019
АНКАРА (АА) – Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека Турција ќе даде секаков вид поддршка на Владата на Триполи, која се бори против генералот пучист, поддржан од разни европски и арапски земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот претседател и претседател на турската владејачка АК Партија денеска во седиштето на партијата имаше обраќање пред општинските претседатели на партијата во проширен состав.
Ердоган се осврна и на прашањето за испраќање војници во Либија и изрази надеж дека на 8 или 9 јануари Меморандумот за испраќање трупи во Либија ќе помине во турското Собрание. „Одиме таму каде што сме поканети, онаму каде што не сме, не одиме. Штом постои покана, ќе одиме.“
Тој, исто така, укажа на тоа дека европски и арапски земји го поддржуваат генералот пучист во Либија и нагласи:
„Уште од самиот почеток бевме против нападите на генералот пучист врз легитимната влада на земјата. Дадовме и ќе продолжиме да даваме секаков вид поддршка на Владата на Триполи, која се бори против генералот пучист, поддржан од разни европски и арапски земји. Тие помагаат на воениот барон, ние одговараме на поканата од легитимната Влада на Либија. Тоа е разликата.“
Ердоган во врска со поморскиот договор со Либија додаде: „Нашата цел не е да узурпираме нечие право во Медитеранот, туку да го спречиме одземањето на нашите права.“
На 27 ноември Анкара и Триполи потпишаа два различни меморандума - еден за воена соработка и друг за поморските граници на државите во Источниот Медитеран. Договорот за поморските граници ги гарантира правата на Турција во Источниот Медитеран, во услови на едностраното дупчење од страна на администрацијата на кипарските Грци, појаснувајќи дека Турската Република Северен Кипар, исто така, има права на ресурсите во тоа подрачје. На сила стапи на 8 декември.
По соборувањето и смртта на долгогодишниот лидер на Либија, Муамер Гадафи, во 2011 година, се појавија две седишта на моќ во Либија, едно во источна Либија поддржано најмногу од Египет и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), и друго во Триполи, кое ја има поддршката на ОН и е меѓународно признато.
Ердоган во обраќањето се осврна и на моменталната ситуација во Сирија, за која рече дека вкупната површина што е исчистена од теророт во Сирија е зголемена на 8.200 квадратни километри.
Турција ја започна операцијата „Извор на мирот“ на 9 октомври, со цел елиминирање на терористите на ЈПГ/ПКК од северниот дел на Сирија, источно од реката Еуфрат, за да ги осигури турските граници, да придонесе за безбедно враќање на сириските бегалци и за осигурување на територијалниот интегритет на Сирија.
Додавајќи дека нападите на режимот врз Идлиб не дозволуваат прекинот на огнот да биде постојан, Ердоган наведе дека речиси сто илјади луѓе, што бегаат од нападите, се тргнати кон границата на Турција.
Во однос на проектот „Канал Истанбул“, Ердоган рече дека на Турција не ѝ доликува да размислува и да дејствува на мали проекти.
„Проектот „Канал Истанбул“ и подготовките за изградба се при крај. Се надевам дека наскоро ќе се објави тендерот“, рече Ердоган.
Наведувајќи дека „Канал Истанбул“ се планира да се гради со моделот на финансирање „изгради-управувај-предај“ без да се нанесе товар на државата, турскиот претседател рече дека ако не постои интерес, ќе се гради од националниот буџет.
„Каналот Истанбул“ е еден од најстратешките мегапроекти на Турција со кој се планира елиминирање на растечкиот ризик што го создаваат бродовите кои превезуваат опасни материи преку Босфорот.
Каналот долг 45 километри, што ќе се гради западно од центарот на градот, на европската страна на областа Истанбул, ќе го зголеми капацитетот на 160 бродови на ден.