Cansu Dikme
31 Декември 2017•Ажурирај: 31 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во своето денешно обраќање го критикуваше планот на американскиот претседател Доналд Трамп да го намали финансирањето на Обединетите нации, јавува Anadolu Agency (AA).
„САД очигледно ќе ја повлечат својата (финансиска) поддршка за ОН. Мислам дека рековте оти сте демократ, дека верувавте во демократијата. Во овој случај, вие сте демократ доколку сѐ оди според вашата желбата“, рече Ердоган во својот говор на Конгресот на владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti) во северозападната турска област Дузџе.
Во вторникот, САД соопштија дека ќе го намалат финансирањето на ОН за 285 милиони долари, за следната фискална година.
Изјавата на Ники Хејли, американската претставничка во ОН, дојде набргу откако земјите-членки на ОН гласаа, со големо мнозинство, против одлуката на претседателот Доналд Трамп за признавање на Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел - потег што предизвика осуда и протести низ целиот арапски и муслимански свет.
На 21 декември, Генералното собрание на ОН се состана на итна седница во врска со одлуката на Трамп. За разлика од Советот за безбедност, САД немаат право на вето во собранието.
Вкупно 128 земји-членки гласаа за резолуцијата, девет земји гласаа против, а 35 други беа воздржани, додека 21 земја не гласаше.