свет

Белгија: Нова фламанска алијанса се повлекува од коалициската Влада

Партијата Нова фламанска алијанса (N-VA) соопшти дека се повлекува од владината коалиција во која учествуваат 4 партии

Şerife Çetin  | 09.12.2018 - Обновена : 10.12.2018
Белгија: Нова фламанска алијанса се повлекува од коалициската Влада

Brisel

БРИСЕЛ (АА) - Поради кризата што ја предизвика Пактот за миграции на Обединетите нации (ОН), белгиската националистичка партија Нова фламанска алијанса (N-VA) соопшти дека се повлекува од коалициската Влада, пренесува Anadolu Agency (AA).

Гостин во програмата на белгиската радиостаница VRT, која објавува информации на фламански јазик, беше белгискиот министер за внатрешни работи, член на партијата Нова фламанска алијанса, Јан Јамбон, кој рече „Би сакал официјално да соопштам дека министрите на партијата Нова фламанска алијанса поднесоа оставки на позициите во Владата.“

Јамбон, потсетувајќи на вчерашното предупредување дека доколку белгискиот премиер Шарл Мишел го потпише Пактот за миграции на ОН, тогаш Нова фламанска алијанса ќе излезе од коалицијата, истакна дека поради инсистирањето на премиерот на Договорот, министрите на Нова фламанска алијанса ги поднеле своите оставки.

И белгискиот министер за бегалци и миграции, Тео Франкен, претставник од Нова фламанска алијанса, истакна дека го поднел писмото за оставка.

Премиерот Мишел, велејќи дека Владата нема да се растури, соопшти дека на местото на министрите од Нова фламанска алијанса коишто поднесоа оставки, ќе бидат назначени нови членови од партиите што коалицираат во Владата, и со тоа таа ќе „обезбеди континуитет и стабилност на институциите“.

Според белгиските локални медиуми, премиерот Мишел денеска ќе се состане со кралот Филип и ќе го информира за оставките на министрите.

Нова фламанска алијанса беше голем партнер во коалициската Влада, и по нејзиното излегување, Владата на Мишел, како малцинска влада ќе продолжи понатаму со коалицијата составена од Реформистичкото движење (MR), Демохристијаните (CD&V) и Партијата на отворени фламански либерал-демократи (Open Vld).

Се очекува општите избори во Белгија да се одржат во мај следната година.

- Владина криза -

Нова фламанска алијанса уште од самиот почеток беше против белгиската Влада да го потпише Пактот за миграции на ОН. Алијансата смета дека Пактот за мигранти на ОН, кој не е обврзувачки, а кој предвидува поттикнување на „регуларни и легални“ миграции, со цел зголемување на борбата против илегалната трговија со луѓе, ќе го наруши суверенитетот на Белгија и на мигрантите ќе им даде „многу права“.

Вчера во главниот град Брисел Советот на министри на федералната Влада одржа вонреден состанок поради Пактот за миграции на ОН, на кој министрите на Нова фламанска алијанса го напуштија владиниот кабинет.

По состанокот на Советот на министри, претседателот на Нова фламанска алијанса, Барт де Вевер, одржа прес-конференција на која соопшти дека доколку премиерот Мишел го потпише Пактот за миграции, тогаш алијансата ќе се повлече од коалицијата.

Од друга страна, белгискиот премиер Мишел соопшти дека ќе учествува на меѓувладината конференција за Пактот за мигранти на ОН, која од 10 до 11 декември ќе се одржи во мароканскиот град Маракеш.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın