свет

Палестинскиот претседател Абас најави распуштање на Палестинскиот законодавен совет

Обраќајќи се на конференцијата во градот Рамала во окупираниот Западен Брег, Абас соопшти дека Советот ќе биде распуштен законски, без да изнесе детали кога би се случило тоа, потег кој ќе наиде на спротивставување од страна на Хамас

Ekipa  | 09.12.2018 - Обновена : 10.12.2018
Палестинскиот претседател Абас најави распуштање на Палестинскиот законодавен совет

Ramallah

РАМАЛА (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека Палестинскиот законодавен совет, во кој доминира Хамас, наскоро ќе биде распуштен, објави палестинската новинска агенција, пренесува Anadolu Agency (AA).

Обраќајќи се на конференцијата во градот Рамала во окупираниот Западен Брег, Абас соопшти дека Советот ќе биде распуштен законски, без да изнесе детали кога би се случило тоа, потег кој ќе наиде на спротивставување од страна на Хамас.

Наместо движењето на Абас, Фатах, најмногу места во Советот има неговиот ривал, движењето Хамас. Функционирањето на Советот беше нарушено по палестинската административна поделба во 2007 година, кога се појавија две ривалски палестински влади.

Од 132 места во Советот, 76 има Хамас, Фатах има 43 места, додека левото крило и независните законодавци имаат 13.

Членот на Централниот комитет на Фатах, Далал Саламех, за АА во мај изјави дека Палестинскиот национален совет - законодавното тело на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) - дискутирал за мандатот на Палестинскиот централен совет во однос на спроведувањето на овластувањата на Законодавниот совет.

Централниот совет е постојано тело на Палестинскиот национален совет, поврзан со Палестинската ослободителна организација, највисокото претставничко законодавно тело на палестинскиот народ, кое ги вклучува сите палестинските фракции, освен Хамас и Исламски џихад.

Во повеќе од еден наврат, Хамас го истакна своето негодување за распуштање на Палестинскиот законодавен совет, велејќи дека Абас неможе да го распушти.

Палестинскиот основен закон предвидува одржување парламентарни избори на секои четири години, но последните парламентарни избори се одржаа во 2006 година, пред повеќе од десетина години.

Западниот Брег и блокираниот Појас Газа остануваат политички поделени уште од 2007 година, кога Хамас ја презеде контролата над Газа од својот ривал Фатах, по неколкудневните крвави улични судири.

Со преземањето на Газа од страна на Хамас во 2007 година заврши краткотрајната Влада на единство, формирана откако Хамас победи на изборите за Палестинскиот законодавен совет во 2006 година.

Оттогаш Хамас ги контролира граничните премини на блокираниот Појас Газа.

Овој октомври, Хамас и Фатах потпишаа значаен договор за помирување во Каиро, со цел да се стави крај на десетгодишната поделба.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.