ИСТАНБУЛ (АА) – МУЏАХИТ ТУРЕТКЕН –
Низ цела Турција се одбележa 101. годишнина од смртта на султанот Абдулхамит Втори, еден од најважните владетели на Османлиското Царство, пишува Anadolu Agency (AA).
Според информациите собрани од АА, Абдулхамит, чиј татко е султан Абдулмеџит и мајка Тиримужѓан Кадинефенди, роден е на 21 септември 1842 година.
Од своите професори избрани за неговото образование, тој го научил персискиот, арапскиот, францускиот јазик, музиката, а тие го едуцирале и во различни други области.
Откако тогашните државници и управители сакале да формираат една уставна администрација, ги симнале од престол султан Абдулазиз и султан Мурат Петти. Султан Абдулхамит Втори на овој престол дојде на 31 август 1876 година.
По кратко време, на 23 декември 1976 година беше прогласен првиот устав на Османлиската држава.
Кога дојде на престолот, тој се соочи со бројни проблеми.
Русија на 24 април 1877 година објави војна против Османлиската држава, откако беше одбиен Лондонскиот протокол кој ги содржеше и препораките на Русија.
Успесите на некои фронтови не беа доволни да ја спречат општата ситуација на војната, која потоа предизвика повлекување на турските војници од фронтовите. Како резултат на тоа, десетици илјади мигранти муслимани Турци мигрираа во Истанбул и Анадолија.
На 3 март 1878 година беше постигнат Санстефанскиот договор со Русија, додека на 4 јуни истата година, Абдулхамит Втори беше принуден да го потпише Договорот, со кој администрацијата на Кипар привремено ѝ ја дава на Британија.
Тој веруваше дека треба време за закрепнување на својата држава, избегнувајќи ги војните кои претставуваа тежок товар.
Абдулхамит Втори во текот на неговото владеење ги намали трошоците на палатата и живеше скромен живот надвор од палатата.
Тој му даде предност на расчистувањето на надворешните долгови кои ги презеде од претходните владетели.
Неговата основна политика беше да работи во насока на зајакнување на неговите односи со исламскиот свет. Султан Абдулхамит Втори, со финансиската поддршка која ја доби од Германија, ја продолжи железничката линија Хајдарпаша - Измир до Анкара во 1888 година. Потоа, линијата која ја поврзуваше Анкара со Багдад во 1902 година им ја даде на Германците.
- Надворешната политика на султан Абдулхамит -
Најуспешниот аспект на султанот беше надворешната политика. Формираше вид информациски центар во палатата за следење одблизу на политичките случувања во светот. Сите извештаи кои доаѓале од надворешните претставништва кај султанот во врска со Турција и целиот свет, биле собирани и разгледувани во овој центар.
Тој меѓу османлиските владетели најмногу ја користеше титулата „калиф“. Верските научници ги испрати во Јужна Африка и Јапонија за да го шират исламот. Ја изгради железничката линија Хиџаз, од Дамаск до Мека.
Едно од прашањата во кои Абдулхамит Втори инсистираше и постигна делумен успех беше палестинското прашање. Ционистите апелираа до Абдулхамит со барање да се формира една еврејска држава во Палестина и го информираа дека ќе го платат надворешниот долг на земјата. Тој не ја прифати оваа понуда, туку презеде мерки за спречување на Евреите да одат и да се позиционираат во Палестина.
- Важни чекори во бројни области, вклучувајќи го образованието и спортот -
Во неговиот период, исто така се направени важни чекори во бројни области, вклучувајќи го образованието и земјоделството.
Меѓу 1876 и 1908 година отворени се стотици училишта на различни нивоа.
Моменталните големи фудбалски клубови во турската лига: Фенербахче, Галатасарај и Бешикташ, се основани во периодот на владеењето на Абдулхамит Втори.
Тој нареди да се подготви колекција од фото-албуми за Истанбул и за другите градови на Царството.
Меѓу другите области на кои им обрна особено внимание се областа на здравството и социјалната помош. Со негови пари формирани се Медицинското училиште „Хајдарпаша“ и болницата „Етфал Шишли“.
Во неговиот период низ земјата биле формирани трговски, земјоделски и индустриски комори.
Биле формирани телеграфски линии кон Хиџаз и Басра, зголемен е бројот на воените училишта. Полициската организација е повторно организирана според примери од Западот.
По настаните на Балканот, турските офицери го принудиле да го прогласи Уставот, наречен Канун-и Есаси. Тој на 23 јули 1908 година соопшти дека Уставот повторно го ставил во сила. Овој период познат како „II. Meşrutiyet“ (конституционализам), го забрза распадот на империјата, надвор од очекуваното.
На 5 октомври 1908 година, Австроунгарската Империја ја окупираше Босна и Херцеговина, со цел да се спречи праќањето членови во османлискиот Парламент. Истиот ден, Бугарија прогласи независност. По еден ден, Крит соопшти дека се обединува со Грција.
Според стариот календар, на 31 март (13 април 1909 година) избија бунтови во Истанбул, кои на крвав начин продолжија 11 дена.
На 27 април 1909 година, Националното собрание (Meclis-i Umumi-i Milli), под водство на Саид Паша, донесе одлука за ставање крај на калифатот и владеењето на Абдулхамит Втори.
Кога тој беше симнат од престолот, заедно со 38 лица, вклучувајќи го и неговото семејство, со посебен воз беше испратен во Солун. Потоа, на 1 ноември 1912 година беше донесена одлука да се врати во Истанбул, во палатата Бејлербеји, каде што ги помина последните години до неговата смрт.
Почина на 10 февруари 1918 година. Со посебна церемонија беше погребан во турбето на Махмуд Втори во Истанбул.