Saadet Gökce
04 Јуни 2026•Ажурирано: 04 Јуни 2026
Разузнавачкиот сојуз „Пет очи“ објави заедничко соопштение во кое предупредува дека кинеските разузнавачки служби ги користат платформите за вработување, како што е Линкдин, за да „намамат“ кадри што имаат пристап до чувствителни информации, јавува Анадолу.
„Кинеските воено-разузнавачки служби користат сè поголем број професионални веб-страници и платформи за вработување насочени кон владини и воени кадри од земјите на сојузот ’Пет очи‘, како и кон секој поединец што има пристап до класифицирани или повластени информации“, соопштија домашните безбедносни служби на САД, Велика Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд во билтенот насловен „Заштита на нашите тајни“ објавен вчера.
Меѓу примарните цели се наоѓаат носители на безбедносни дозволи, со посебен акцент на секторот за одбрана, надворешна политика, безбедност и разузнавање; воен персонал со познавања за регионалните капацитети и активности; како и поединци со директен или индиректен пристап до владини информации, соопштија службите.
Во билтенот се наведува дека разузнавачки оперативци или нивни соработници се претставуваат како консултанти, вработени во аналитички центри (тинк-тенк) или регрутери, објавувајќи огласи за работа за аналитичари во областа на надворешната политика и одбраната, пред да извршат „притисок“ врз избраните кандидати да обезбедат „информации од затворен карактер“ за „неименувани клиенти кои се поврзани со кинеската Влада“.
Воено-разузнавачките служби на Пекинг се стремат кон стекнување повластени воени, политички и економски разузнавачки податоци кои можат да ѝ обезбедат на Кина стратегиска и тактичка предност пред сојузот „Пет очи“, соопштија службите.
Според билтенот, хонорарите за регрутираните лица се движат од неколку стотици до неколку илјади долари по доставен извештај, со напомена дека „може да им бидат понудени и повеќе пари во замена за сè почувствителни информации“.
Од страна на Кина нема реакција во врска со објавениот билтен.