СКОПЈЕ (АА) - ЏИХАД АЛИУ -
Власите што живеат во различни региони на Балканот и Источна Европа, а пред сè во Северна Македонија, изразуваат чувство на благодарност поради тоа што османлискиот султан Абдулхамит Втори на 22 мај 1905 година ги признал Власите како посебен народ.
Власите кои се латинизираа со доаѓањето на Римската Империја на Балканот, и ден-денес се обидуваат да ги зачуваат нивните традиции и култура.
Меѓу другото, Власите од Северна Македонија велат дека признавањето на Власите како посебен народ од страна на Османлиската Држава им овозможило голема предност во понатамошните години. Тие секоја година на 23 мај го одбележуваат Националниот ден на Власите.

Претседателот на Унијата за култура на Власите во Северна Македонија, Димо Димчев, во разговор за Anadolu Agency (AA) зборуваше во врска со традициите на Власите, признавањето на Власите како посебен народ од страна на османлискиот султан Абдулхамит Втори, и општата состојба на Власите.
Димчев истакна дека е роден во штипско Доброшани, каде што рече дека пораснал со соседи Турци. Тој нагласи дека во тој период покрај влашкиот јазик, турскиот јазик бил негов втор мајчин јазик, но според него, со текот на времето го заборавил турскиот јазик.
Истакнувајќи дека по Втората светска војна, во 1958-1959 година, Турците од нивните села мигрирале во Турција, Димчев кажа неколку зборови на турски јазик, изразувајќи жалост што го заборавил овој јазик.
Димчев со солзи во очите се сеќаваше на неговите пријатели, Фатиме, Рукише, Али, Мехмедали.
Тој изрази желба да ги види повторно неговите пријатели доколку се сè уште живи.
Димчев информираше дека тие како Унија која е основана во 1997 година, реализираат бројни активности во насока на зачувување на влашката култура и влашкиот јазик, а објавиле и списанија, книги и речник преку оваа Унија.
Нагласувајќи дека ја превел Библијата на влашки јазик, како и делото на значајниот поет во иранската литература, Фирдуси, наречено „Шахнаме“, Димчев додаде дека дал голем придонес во отворањето на Редакцијата за емисии на влашки јазик при Македонската радио-телевизија (МРТ), каде што рече дека извесно време работел како уредник.
- Власите во периодот на Абдулхамит биле израмнети со другите народи
Според него, на 22 мај 1905 година султанот Абдулхамит Втори го потпишал најголемиот декрет во тој период, ирадето, со кој Власите биле признати како посебен народ.
Димчев нагласи дека во тој период Власите на хартија биле израмнети со Сиријците, Египќаните, Грците.
„Меѓутоа, Турското Царство (Османлиската држава) се покажа многу паметно, советниците на Абдулхамит се покажаа многу паметни и го советуваа султанот ние да бидеме запишани како Улах, не како Романче како што се стремеше романската пропаганда да нè прикаже и да нè присвои“, додаде тој.
„По потпишувањето на ирадето“, рече Димчев, „Денот на Власите за прв пат бил одбележан на 23 мај 1906 година во Битола". Тој нагласи дека овој ден, кој има особено значење за нив, во наредните години треба да се интернационализира.

Димчев истакна дека според податоците од последниот попис во Северна Македонија, во земјата има околу 9.000 Власи, додека според него, можно е во светот да има околу 4 милиони Власи, пред сè во Грција, Албанија и Романија.
Според него, ирадето на Абдулхамит Втори дало голем поттик кај Власите да се чувствуваат горди и тие почувствувале дека имаат сопствен идентитет.
„Тогаш бевме признати, и денес треба да бидеме признати. Ние за време на Турското Царство (Османлиската држава) имавме образование какво што денеска не можеме да замислиме“, рече тој.
- „Турците не жалат што заминаа од Балканот, колку што жалиме ние Власите“
Димчев се осврна на членовите во врска со Власите во Договорот од Севр, потпишан помеѓу Османлиската Држава и сојузниците по Првата светска војна, упатувајќи апел до Турција денес преку своите експерти да помогне за да разберат Власите што се овие права.
Димчев побара Турција да не ги заборави Власите и сподели едно истражување реализирано по напуштањето на Турците на Балканот.
„Прочитав на едно место дека во 1922 по 10 години од заминувањето на Турското Царство од Балканот, некој италијански новинар вршел истражување на Балканот. Наидува на еден Влав и го прашува 'како сте'. Рече како сме: Верувам дека Турците не жалат што заминаа од Балканот, колку што жалиме ние Власите и треба да жалиме дека Турците си заминаа. Зошто? Затоа што тие Турци ни дадоа повеќе права од овие православни христијани“, нагласи Димчев.
Тој рече дека нивните активности ги реализираат со цел зачувување на влашкиот јазик и да не се заборават Власите, и дека секоја година се намалува поддршката што ја добиваат.
Според него, Власите кои мигрирале во Турција живеат во околината на подрачјето на Шаркој, кое се наоѓа во турскиот град Текирдаг, и ги повика нивните сонародници кои се наоѓаат во Турција да ги посетат во Северна Македонија.
- Љубовта на Власите кон Абдулхамит
Власите во текот на историјата не го заборавиле султанот Абдулхамит Втори, кој ги признал како посебен народ (милет).
Националниот поет на Власите, Константин Белимаче, роден во тој период во битолското село Маловиште, напишал химна посветена на султанот Абдулхамит („Imnul a Sultanlui Abdul Hamid II“).
Химната за првпат била објавена во во 1905 година во списанието „Лумина“ во Битола, по објавување на ирадето на Султанот, и во неа Белимаче упатува пофалби до султанот Абдулхамит и се моли за него. Тој исто така во химната посакува долг живот за Султанот, и се моли на Бога да ја заштити Османлиската Држава.
- Власите во Северна Македонија и Албанија
Според последниот попис на населението и домаќинствата во земјава, Власите бројат околу 9.000 жители. Во Уставот, Власите се наведени како државотворни. Во Северна Македонија, Власите се претставени во повеќе области како што се образованието, уметноста, медиумите и граѓанското општество.
Во рамките на Македонската радиотелевизија (МРТ), три пати неделно по 30 минути се емитуваат телевизиски емисии на влашки јазик, а на Македонско радио, секој ден се емитува по 30 минути радио програма на влашки јазик.
Исто така, Власите во Албанија се признаени со закон.
Според податоците од 2011 година на Заводот за статистика на Албанија (ИНСТАТ), Власите во Албанија чие население брои 2,8 милиони жители, сочинуваат 0,30 отсто од вкупното население на земјата, односно 8.266 Власи живеат во Албанија.
Според Државниот комитет за малциства на оваа земја, стапката на населението на Власите во Албанија не може да се прифати како точна поради мигрирањето на Власите во различни места, пред се во Грција. Власите во Албанија имаат бројни права, меѓу кои и образование на влашки јазик.