Furkan Abdula
01 Октомври 2021•Ажурирај: 02 Октомври 2021
СКОПЈЕ (АА) - Сервисот на албански јазик на Агенција Анадолија (АА) денеска ја одбележува седмата годишнина од почетокот на објавувањето вести на албански јазик.
Пред седум години, на 1 октомври 2014 година, АА започна да објавува вести на албански јазик, додека на 9 ноември 2015 година ги отвори канцелариите во Скопје, каде што денес функционира заедно со Сервисот на македонски јазик.
Во текот на седум години активно објавување на вести на албански јазик од целиот свет, проследено со фото и видеосодржини, Сервисот на АА на албански јазик доби активна димензија и се доближи до медиумите на албанскиот простор, вклучувајќи и читатели од овој регион и пошироко.
Сервисот на АА на албански јазик продолжува да работи со ист интензитет, споделувајќи ѝ ги на јавноста најновите случувања од регионот и светот за време на пандемската криза, истовремено покривајќи ги медиумските активности врз основа на препораките на властите за почитување на правилата против ширењето на вирусот.
Со своето присуство во регионот, Сервисот на АА на албански јазик, за време на своето седумгодишно постоење брои над 123 илјади вести објавени од Балканот, Турција и светот, од кои над 48 илјади содржат галерии со фотографии, а над 26 илјади содржат видеоматеријали.
Инаку, албанскиот јазик беше осми по ред лансиран во оваа медиумска институција. Покрај турскиот, албанскиот и македонскиот, АА објавува вести и на англиски, арапски, БХС (босански, хрватски и српски), руски, француски, курдски (дијалектите сорани и курманџи), персиски, индонезиски и шпански јазик.
Секој ден од канцеларијата на АА во Скопје, на претплатниците и читателите им се нудат над 120 објави, вклучувајќи вести, фото и видеосодржини.
АА е една од десетте најголеми агенции на светско ниво, која секој ден на сите 13 јазици надминува 3 илјади објави на вести, фотографии и видеа.