живот

„Мебелот може да ‘живее’ повеќе животи“

Најстарото парче мебел што Огњановска и Кипровска го редизајнирале е изработено пред 125 години, а нареден предизвик е редизајн на сандак којшто е стар речиси 150 години

Edıta Zekjırovıc  | 23.07.2022 - Обновена : 25.07.2022
 „Мебелот може да ‘живее’ повеќе животи“ Фото: Umeys Sulejman/АА

СКОПЈЕ (АА) - ЕДИТА ЗЕЌИРОВИЌ -

Посебноста на мебелот како изработка е тој да ги впие приказните и лузните на времето кое одминува, на еден дом да му подари топлина, да го зачувува споменот на луѓето кои не се повеќе помеѓу нас, а најзначајна е неговата способност да „живее“ повеќе животи. Во ова силно веруваат Надица Кипровска и Орхидеја Огњановска, две пријателки од Скопје.

Тие за Агенција Анадолија (АА) раскажаа за својата идеја што се создала пред 8 години, пречките при будењето на старите спомени и возбудата при давањето нова шанса со редизајнирање на мебел создаден пред еден век, за повторно да заживее во нечиј дом.

„Убаво го истраживме македонскиот пазар и сфативме дека треба нешто повеќе да направиме ние лично за да добиеме тоа што сакаме. И оттаму се роди идејата дека треба нешто повеќе да направиме не само за нас туку и за пазарот, мислам на луѓето коишто го сакаат нашиот стил“, вели Огњановска.

- Како се обновува стар мебел?

Секое парче мебел е уникатно, приказна сама за себе. Процесот на редизајнирање најпрво започнува со откривање на потеклото на мебелот, запознавање со карактерот и вкусот на човекот кој сака да го користи, сè со цел старото парче мебел совршено да се вклопи помеѓу денешниот модерен дизајн на мебел.

„Ако е благо оштетено го санираме дрвото, со повеќе техники зависи од оштетувањето, потоа се струга. Па се бојадисува, се лакира, има повеќе фази, обично менуваме рачки. Зависи“, велат Огњановска и Кипровска.

- Редизајн на мебел стар повеќе од еден век -

Најстарото парче мебел што Огњановска и Кипровска го редизајнирале е изработено пред 125 години, а нареден предизвик е редизајн на сандак којшто е стар речиси 150 години.

„Најстаро парче до коешто сме успеале да дојдеме е од 1873 година, еден сандак, којшто чека да биде редизајниран, меѓутоа нас најинтересен ни е мебелот од 1960-тите и 1970-тите години“, вели Кипровска.

- Зачувување на спомените, но и на животната средина -

Покрај зачувување на спомените, особено ги радува тоа што со редизајнот на стариот мебел придонесуваат и за зачувување на животната средина, со тоа што приказната на едно парче мебел не завршува на отпад, туку е редизајнирано и може повторно да се користи. Таква е приказната со наткасната создадена пред 70 години, која ја купил Французин и отпатувала надвор од границите на земјата.

„На самата наткасна пишува дека таа била дел од невестинска спална, којашто била дадена во мираз со невестата и долго време си ја користеле сопствениците, потоа ние ја редизајниравме, а кога тој (Французин) ја купил, ја купил со идеја да си ја стави во својата спална, а беше штотуку венчан со својата сопруга. Тоа беше една интересна коинциденција, наткасната повторно си влезе во соба за млади“, вели Кипровска.

Огњановска, која по професија е економист, и Кипровска, која е правник, велат дека ова хоби ги поврзало и довело до креативно изразување со кое тие придонесуваат за општеството, а воедно уживаат патувајќи во една временска машина во која го чувствуваат духот на минатото време.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.