Şeyma Erkul Dayanç
18 Ноември 2026•Ажурирано: 18 Ноември 2026
Франција не е „воена страна“ во руско-украинската војна и нема намера да стане тоа, изјави министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро, отфрлајќи ги руските тврдења дека присуството на француски воен персонал во Украина претставува директно учество во конфликтот, пренесува Анадолу.
„Очигледно е дека не сме воена страна во Украина. Немаме намера да станеме тоа“, рече Баро во интервју за телевизијата „Франс 5“.
Неговата изјава следуваше откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека присуството на француски воен персонал во Украина претставува директно вклучување во војната, додавајќи дека Москва му ги пренела своите забелешки на Париз.
Баро рече дека Франција продолжува да ја поддржува украинската Армија со испраќање ограничен број инструктори и персонал задолжен за одржување на воената опрема во земјата.
Тој нагласи дека нивните активности се одвиваат далеку од линијата на фронтот и не претставуваат директно воено учество во конфликтот.
И француската заменик-министеркa за вооружени сили, Алис Руфо, ги отфрли руските тврдења, нарекувајќи ги „апсурдни“ за време на седница на Парламентот.
Руфо изјави дека францускиот персонал е во Украина за извршување конкретни задачи поврзани со обуката и одржувањето на воената опрема, додавајќи дека нивното присуство не претставува вооружена интервенција ниту директно учество во конфликтот.