Emre Gürkan Abay
09 Декември 2020•Ажурирај: 10 Декември 2020
МОСКВА (АА) - Генералниот директор на руската компанија за оружје „ОРСИС“, Валериј Новоселов, истакна дека за време на епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19) значително е зголемена продажбата на оружје на цивили во Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за руската новинска агенција „РИА Новости“ Новоселов ја оцени зголемената побарувачка за оружје во Русија од избувнувањето на епидемијата на Ковид-19.
Наведувајќи дека се сведоци на огромна продажба на оружје на цивили, Новоселов рече: „Продажбата на сите модели, вклучително и пушките, се зголеми.“
Посочи дека психолошките ефекти од епидемијата на Ковид-19 се причина за зголемениот интерес за продажба на оружје во Русија. „Најважната причина е зголемувањето на чувството на вознемиреност и неизвесност што неизбежно се појави поради епидемијата во светот.“
Според руските закони, граѓаните со навршени 18 години имаат право да купуваат оружје за одбранбени цели откако ќе ги добијат потребните дозволи од соодветните институции.