Dmitri Chirciu
09 Декември 2020•Ажурирај: 10 Декември 2020
МОСКВА (АА) - ДМИТРИ ЧИРЏИУ -
Во Русија од минатата недела трае масовната вакцинација на граѓаните против коронавирусот, а репортерите на Агенција Анадолија (АА) ја посетија Поликлиниката 68 во Москва, која е една од 70-те руски здравствени установи во кои граѓаните ја примаат вакцината „Спутник V“ (ГамКовидВак).
Првиот случај на Ковид-19 во Русија е потврден кон крајот на јануари, а првиот смртен случај е забележан во март. Русија во меѓувреме ја разви својата антиковид вакцина „Спутник V“.
Руските граѓани од минатата недела ја примаат вакцината со претходен лекарски преглед и потпишување на изјава за довроволно учество во масовната вакцинација.

По примањето на вакцината пациентите се одмараат половина час, а потоа прават лекарски преглед за да се утврди дека можат да ја напуштат болницата.
Шефицата на Поликлиниката 68 во Москва, Наталија Кузенкова, изјави дека вакцините ги примаат граѓаните на возраст меѓу 18 и 60 години, меѓу кои се работниците во здравството, образованието и другите јавни и приватни установи.
„Граѓаните се пријавуваат преку онлајн формула и тоа можат да го сторат само доколку во изминатите 30 дена не примале други вакцини. Вакцинација не е одобрена ни за тешко болните, за луѓето кои пијат лекови кои го нарушуваат имунитетот, ниту за оние со покачена телесна температура. Вакцинацијата е за лица кои немаат инфекции“, изјави Кузенкова.
Таа појасни дека вакцинацијата се спроведува во две фази, а дека граѓаните втората доза од вакцината ќе ја примат три недели по првата.

Истакнувајќи дека во таа поликлиника дневно се вакцинираат во просек по 60 луѓе, Кузенкова рече дека вакцината „Спутник V“ нема изразени сериозни контраиндикации.
„Како и во случајот на вакцината против грипот, можно е да се јави болка или црвенило на местото на убодот, како и да се јават покачена телесна температура или умор кај пациентите“, изјави Кузенкова.
Таа, исто така, рече дека целта на масовната вакцинација е да се заштити населението, а на прашањето дали се избрзало со вакцинацијата со оглед дека не е завршена третата фаза од нејзиното тестирање, Кузенкова одговори дека клиничкото тестирање е направено на доволен број волонтери.

Една од вакцинираните граѓанки на Русија, Ирина Усаткина, за АА изјави дека се чувствува добро.
„На сите им препорачувам да се вакцинираат. Верувам во вакцината, да не е така не би го направила ова“ , рече Усаткина.
Вакцината ја прими и Наталја Писакарјова која рече дека работи на педијатрија и дека затоа се одлучила на вакцинација.
„Верувам во вакцината. Контраиндикациите на вакцината не можат да бидат поопасни од самиот коронавирус“, порача таа.