Firdevs Bulut
17 Февруари 2020•Ажурирај: 18 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Новиот тест за коронавирус, развиен од турски лекари, ќе даде побрзо дијагностицирање, изјави за новинарите денеска официјален претставник на турската Национална лабораторија за вирологија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Новиот систем, на кој првично му требаа 90 минути, ни овозможува да работиме побрзо со употреба на домашни компоненти“, истакна д-р Ѓулај Корклуоглу, говорејќи во име на турското Министерство за здравство.
Минатата недела, турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, рече дека турските лекари работат на сет што ќе даде резултати за 75 минути, многу помалку во споредба со трите часа потребни за некои други тестови.
Откако Светската здравствена организација (СЗО) и други групи дизајнираа специфични тестови за коронавирусот, Коруклуоглу рече дека тие работат на пан-коронавирусен тест што ќе го открие Ковид-19, видот што сега се шири.
Таа додаде дека на коронавирусот работат 12 научници од Лабораторијата за вирологија.
- Тестот користи домашни ресурси -
За предностите на новиот тест Коруклуоглу рече: „Досега ја нарачувавме потребната опрема од странство, па дури и во најитните случаи требаше да чекаме најмалку еден до два месеци.“
„Сега, благодарение на домашниот сет за тестирање, можеме да ја добиеме секоја опрема од Истанбул за еден ден. Тестот, исто така, сега чини помалку. Ова ни помага да ги користиме нашите ресурси поекономично“, рече таа.
Додаде дека тие користат и ензими произведени во Турција.
„Можеме и да модифицираме и развиваме различни верзии на тестот. Користењето на сетот сега е побрзо. Почнавме пробен период и добивме успешни резултати. Секогаш прво внимаваме на безбедноста“, нагласи Коруклуоглу.
На 42 турски и државјани на соседните земји, кои минатиот месец беа евакуирани од Кина во Анкара, каде што неодамна завршија со двонеделниот карантин, Коруклуоглу им даде чиста десетка за здравјето.
„Од секого одделно зедовме по четири примероци, на првиот, третиот, седмиот и последниот ден од карантинот“, рече таа. „Последниот примерок исто така беше негативен“, додаде.
Коронавирусот се појави во кинескиот град Вухан во декември 2019 година, и оттогаш се рашири во над 20 земји во светот, меѓу кои се и САД, САД, Сингапур, Франција, Русија, Шпанија и Индија.
Досега во Кина од вирусот Ковид-19 починаа 1.771 лице, а има најмалку 70.548 потврдени случаи со вирусот.
Во Турција нема случаи на коронавирус.