МОСКВА (АА) - Во Русија, каде што првите случаи на Ковид-19 беа регистрирани на 31 јануари, јавните и приватните болници го редизајнираа пружањето на своите услуги во рамките на борбата против коронавирусот.
Екипата на Агенција Анадолија (АА) беше сведок на борбата на руските здравствени работници со епидемијата во Клиничката градска болница „Број 52“, еден од најактивните здравствени центри во Москва.
Некои делови од болницата се резервирани за третман на оние што се дијагностицирани со Ковид-19, додека другите оддели им служат на пациентите кои боледуваат од различни други болести.
- Во болницата се преземени специјални мерки против Ковид-19 -
Привлекуваат внимание мерките преземени на влезот за итни случаи. Во болницата работат повеќе од три илјади лица.
Здравствениот персонал, што ги пречекува пациентите кои се сомнителни на заразеност со Ковид-19, носи маски, заштитни комбинезони, заштитни очила и ракавици.
Медицинските сестри на самиот влез ги прашуваат пациентите за тоа дали имаат кашлица, дали имаат тешкотии во дишењето, го мерат крвниот притисок и проверуваат дали имаат температура. Се испитува крвта на пациентот, а исто така се прават и тестови за Ковид-19.
Според резултатите, специјализирани лекари ја утврдуваат состојбата на пациентот и ги насочуваат кон потребната единица.
Пациентите со тешки состојби се носат во единицата за интензивна нега наречена „црвена област“. Пациентите кои имаат проблеми со дишењето се поврзуваат на респиратор.
- Здравствените работници се тушираат на крајот од работното време -
Посебен акцент е ставен на употребата на заштитната опрема на здравствените работници кои се во близок контакт со пациентите заразени со Ковид-19.
Лекарите и медицинските сестри ги дезинфицираат рацете, без вадење на ракавиците, откако излегуваат од собата на пациентот кој е подложен на лекување од Ковид-19.
Здравствените работници кога минуваат од Одделот за интензивна нега во друго одделение го дезинфицираат целото тело.
Од друга страна, откако ќе им заврши работното време медицинскиот персонал се симнува во долниот кат на болницата, ја вади заштитната облека и ја фрла во ѓубре.
Вработените и посетителите во болницата, водејќи сметка за хигиената, се тушираат.
- „Бројот на хоспитализирани пациенти се намали за 20 проценти“ -
Марјана Лисенко, главната лекарка на Клиничката градска болница „Број 52“, посочувајќи дека се соочиле со тешкотии откако епидемијата се раширила, рече:
„Ова не е инфективна болница. Затоа беше тешко лекарите да се пренасочат во друга област, но сите вработени се приспособија на овој процес.“
Наведувајќи дека сите досегашни проблеми се решени, Лисенко рече дека болницата е соодветно опремена со потребната заштитна опрема.
„Имавме доволно време да се подготвиме за борбата против епидемијата, откако го видовме тоа во Кина. Подобри сме во овој поглед“, нагласи Лисенко.
Посочувајќи дека е намален бројот на заболени од Ковид-19, Лисенко нагласи: „Во однос на март и април бројот на хоспитализирани пациенти се намали за 20 проценти.“
- „Се заразија 39 проценти од здравствените работници“ -
Марјана Лисенко, истакнувајќи дека во болницата работат 3.000 здравствени работници, рече: „Секако дека се разболуваат и здравствените работници. До денес кај 39 проценти од нашите вработени е откриен вирусот.“
Наведувајќи дека од болницата досега отпуштиле 4.000 излекувани лица, Лисенко истакна дека третманот на 600 пациенти продолжува. Од нив 80 лица се во тешка состојба.
Лисенко ги коментираше и тврдењата дека во Русија се кријат реалните бројки на починати од коронавирусот. „Луѓето зборуваат без да знаат. Нашите податоци се транспарентни и можат да се испитуваат. За таквите тврдења треба да има докази.“
Посочувајќи на значењето на тоа дали лицата заразени со Ковид-19 имаат и други заболувања, Лисенко рече: „Важно е да се знае поставената дијагноза, од што е болен пациентот и зошто починал. На пример, ако лицето починало од карцином, треба да се каже дека починал од тоа. Тоа е најправилно. Затоа што со процесот на инфекција, се отежнува и циркулацијата на крвта. Се разбира, во овој случај, пациентите не умираат од Ковид-19, туку од сопствената болест.“
Таа наведе дека започнале да го применуваат процесот на лекување со употреба на антитела: „Овој метод се користеше при лекување на 80 пациенти. Резултатот е многу добар.“
Лисенко исто така наведе дека приближно 30 студенти по медицина работат во болницата во рамките на борбата против Ковид-19.
- Изготвена е специјална програма за Ковид-19 -
Сергеј Царенко, доктор специјалист за анестезиологија и интензивна нега, рече дека развиле специјална компјутерска програма во врска со новиот вид коронавирус.
Наведувајќи дека програмата ја покажува штетата предизвикана од вирусот во различни бои во три димензии, Царенко рече: „Програмата што ја развивме го покажува ефектот на Ковид-19.“
Царенко рече дека програмата ја презентирале во Министерството за здравство на Русија и го започнале процесот на регистрација.
Покрај тоа, Царенко ја сподели информацијата дека претходно бил заразен со Ковид-19 и дека бил излекуван во домашни услови.
news_share_descriptionsubscription_contact
