Ekip
09 Април 2020•Ажурирај: 11 Април 2020
БРИСЕЛ
Во текот на изминатите 24 часа, во Белгија, поради Ковид-19 своите животи ги загубија 283 лица, што е највисока бројка за еден ден од почетокот на епидемијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бројот на починати од Ковид-19 се зголеми на 2.523, додека 1.580 нови случаи се потврдени, со што вкупниот број на заразени се искачи на 24.983.
Но со моменталниот тренд, бројот на хоспитализирани пациенти продолжува да паѓа. Додека 459 нови пациенти беа хоспитализирани вчера, 483 можеа да ги напуштат болниците откако се излекувале.
Вкупно 5.590 пациенти се лекуваат во болниците, 1.285 од нив се на интензивна нега.
Од белгиските домови за стари лица, во кои поради епидемијата состојбата значително се влошила, побараа помош. Околу 600 луѓе починаа во овие домови низ земјата, а недостигот од медицински персонал и опрема достигна сериозни нивоа.
Откако капацитетите на мртовечниците во Белгија започнаа да се полнат, објавено е дека започнале да се користат ладилниците во Брисел и Лиеж.
Со цел борба против ширењето на Ковид-19, регионот Брисел бара со новиот закон, телата на луѓето кои починале брзо да се префрлат во мртовечниците и да се изврши нивен закоп. Истражувањата покажуваат дека по смртта телото може да го задржи вирусот и до три дена.