Admir Fazlagic
09 Април 2020•Ажурирај: 10 Април 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, оствари телефонски разговор со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Кабинетот на претседателот на Северна Македонија, за време на разговорот, претседателот Пендаровски, во име на граѓаните на Република Северна Македонија и во свое лично име изрази благодарност до претседателот Ердоган за медицинската опрема во скафандери, маски и тестови којашто пристигна од Турција, додавајќи дека „сојузништвото и солидарноста меѓу државите се важни во овие тешки денови кога на глобално ниво заеднички се справуваат со епидемијата на Ковид-19“.
Истовремено, како што се наведува во соопштението, „претседателот Пендаровски изрази солидарност и поддршка за Турција во напорите за справување со Ковид-19, со оглед на тоа што Турција е меѓу десетте најпогодени земји со близу 40.000 инфицирани и над 800 починати лица. Во тој контекст упати сочувство на семејствата на починатите и посака скорешно закрепнување на заболените со Ковид-19“.
„Во врска со состојбата во земјава во справувањето со епидемијата на Ковид-19 и отстранувањето на последиците од неа, претседателот Пендаровски го информираше претседателот Ердоган дека ситуацијата е стабилна, меѓу останатото и поради фактот дека Северна Македонија меѓу првите земји во регионот ги започна активностите за справување со пандемијата“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
Во соопштението се додава дека во овој контекст претседателот Пендаровски додаде дека државата се подготвува за предизвиците со кои се очекува да се соочи економијата по надминувањето на пандемијата, потенцирајќи ја притоа важноста на силните економски врски меѓу двете држави.
„Двајцата претседатели изразија задоволство од одличните билатерални односи, а претседателот Пендаровски му се заблагодари на претседателот Ердоган за долгорочната и значајна поддршка од страна на Турција за остварување на една од нашите стратешки цели – членството во НАТО, каде досегашното партнерство ќе продолжи во нов контекст меѓу две членки на Алијансата“, стои во соопштението.
Потсетуваме, вчера на Меѓународниот аеродром Скопје пристигна товарен авион од Турција со медицинска помош за Северна Македонија во борбата против пандемијата на Ковид-19.
Исто така, медицинска помош од Турција вчера пристигна и во другите балкански земји: Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.