Ali Murat Alhas
18 Февруари 2020•Ажурирај: 19 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Турција ги направи потребните воени подготовки во северозападна Сирија и им кажа на руските колеги дека е решена да го принуди режимот на Башар ал Асад да се повлече кон претходните граници, изјави портпаролот на турската владејачка Партија за правда и развој (АК Parti), Омер Челик, јавува Агенција Анадолија (АА).
Челик истакна дека Турција ги завршила неопходните воени подготовки во Сирија и дека ќе ги преземе потребните чекори доколку сирискиот режим не се повлече до претходната гранична линија утврдена со договорот за деескалациските зони.
Тој нагласи дека Русија, сојузник на сирискиот режим, била јасно информирана за ставот на Турција во регионот.
Со 148.000 раселени од градот Идлиб во изминатите шест дена, бројот на раселени лица во Идлиб и соседните области од јануари 2019 година достигна речиси 2 милиони, повеќето од нив засолнувајќи се близу границата со Турција, која веќе е домаќин на над 3,6 милиони сириски бегалци.
Десетици илјади луѓе, меѓу кои и жени и деца, имаат потреба од хуманитарна помош, бидејќи камповите во кои се засолнети немаат основни средства. Тие се соочуваат со големи потешкотии во задоволувањето на нивните потреби за храна и здравствена заштита.
На состанокот во Астана, што се одржа на 4-5 мај 2017 година, на којшто учествуваа Турција, Русија и Иран, формирани се четири деескалациски зони, во Идлиб и околните области (Латакија, Хама и Алепо), северното подрачје на Хомс, подрачјето на Источна Гута во главниот град Дамаск и подрачјата во јужниот дел на земјата (Дера и Кунејтра).
Во септември 2018 година, Турција и Русија во Сочи постигнаа договор со цел зацврстување на примирјето. Но, режимските сили и нивните сојузници продолжуваат да го кршат примирјето.
Додека Анкара и Москва ги продолжуваат преговорите за Идлиб, претседателот Реџеп Таип Ердоган минатата недела истакна дека турската војска ќе ги потисне сириските сили ако не се повлечат од северозападниот регион.