Jeyhun Aliyev
11 Мај 2020•Ажурирај: 11 Мај 2020
АНКАРА (АА) - Потпретседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Мајк Пенс, продолжува да работи во Белата куќа и не е во самоизолација, откако неговиот секретар за медиуми се тестираше за Ковид-19 и беше позитивен, соопшти неговиот портпарол, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Потпретседателот Пенс ќе продолжи да ги следи советите на медицинскиот оддел на Белата куќа и не е во карантин“, соопшти Девин О'Мали по извештајот на веб-страницата „Блумберг“ дека потпретседателот останува дома „поради претпазливост“.
Пенс не објави ништо во јавноста во врска со ваквиот потег, но не учествуваше на состанокот во саботата со претседателот Доналд Трамп и високите воени претставници.
„Покрај тоа, потпретседателот Пенс се тестираше и е негативен, и планира да биде во Белата куќа“, додаде О’Мали.
Во петокот Трамп изјави дека Кејти Милер, портпаролката на Пенс и сопруга на советникот на Трамп, Стивен Милер, била позитивна на Ковид-19.
Белата куќа во четвртокот објави дека неименуван личен помошник на Трамп бил позитивен на Ковид-19.
Трамп истакна дека имал многу малку контакт со ова лице, додавајќи дека се тестирал двапати од средата и дека резултатите биле негативни.
Коронавирусот, официјално познат како Ковид-19, откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан изминатиот декември, се рашири во најмалку 187 земји и региони. Европа и САД во моментов се најтешко погодени региони.
Пандемијата досега ги зеде животите на над 282.500 луѓе во светот, над 4,09 милиони се заразени, додека излекувани се 1,4 милиони, според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.