06 Октомври 2021•Ажурирај: 07 Октомври 2021
ИДЛИБ (АА) - МЕХМЕТ БУРАК КАРАЏАОГЛУ/АХМЕТ КАРААХМЕТ -
Љубителот на животни, Хани Јасин, ги собира и чува во својот дом мачките што ги оставија зад себе оние што мораа да ги напуштат своите домови по нападите на режимот на Башар ал Асад во сириската покраина Идлиб во северозападна Сирија, пишува Агенција Анадолија (АА).
Дваесет и шестгодишниот Јасин, обидувајќи се да го продолжи животот во граѓанската војна, живее во иста куќа со 35 мачки, и покрај тоа што е невработен и се бори за да преживее.

Јасин ги храни мачките што ги наоѓа на улица и се обидува да ги лекува оние што се болни.
- „Секое утро се обидувам да најдам храна за моите мачки“ -
Јасин во разговорот со Агенција Анадолија рече: „Секое утро кога ќе се разбудам, првото нешто што го правам е да одам во продавниците за месо и да се обидам да најдам храна за мачките.“

Истакнувајќи дека ги чисти мачките откако ќе ги нахрани, Јасин додаде:
„Како резултат на нападите на режимот на Асад, мигрирав со моите пет мачки. По потпишувањето на Договорот за прекин на огнот меѓу Русија и Турција, се вратив во мојот дом. Еве, им давам храна и вода на мачките кои немаат дом. Им обезбедувам место за спиење.“
Јасин, наведувајќи дека има потешкотии да купува храна за мачките поради финансиските проблеми со кои се соочува, рече:
„Ги земам парчињата од пилешко кои остануваат во продавниците и со нив ги хранам моите мачки. Понекогаш јадењето што го готви мајка ми го делам со мачките.“
Упатувајќи повик до љубителите на животни, Јасин рече: „Се обидуваме да ги лекуваме болните мачки со тоа што им обезбедуваме лекови со нашите ограничени средства.“