живот

Сакал да се ослободи од вишокот килограми, а потоа станал првак на Турција во бодибилдинг

„Уште како мал пријателите ме исмеваа поради моите килограми. Тоа беше причината да почнам да вежбам и брзо го засакав спортот“

Yasin Dikme  | 12.10.2021 - Обновена : 13.10.2021
Сакал да се ослободи од вишокот килограми, а потоа станал првак на Турција во бодибилдинг

ШАНЛИУРФА (АА) – ЈАСИН ДИКМЕ -

Дваесет и едногодишниот Абдулсамет Чевик од југоисточниот град Шанлиурфа започнал да вежба за да се ослободи од вишокот килограми, а неколку години подоцна почнал да се занимава со бодибилдинг. На својот прв натпревар станал државен првак на Турција, кој во моментов се подготвува за Светското првенство, јавува Агенција Анадолија (АА).

Чевик е студент на Факултетот за физичка култура на Универзитетот „Харан“ во Шанлиурфа, а на својот прв државен натпревар во фитнес и бодибилдинг станал првак на Турција, кој ќе ја претставува земјата на Светското првенство што ќе се одржи во ноември во Шпанија.

Во разговор со новинарот на АА, Чевик потсети дека со спорт почнал професионално да се занимава на почетокот од студирањето, а зборуваше и за тоа кои му биле првите контакти со спортот.

„Додека бев мал сакав да се ослободам од вишокот килограми и така почнав да се занимавам со спорт, со време таа љубов кон спортот стануваше сè посилна“, рече Чевик.

Одлучил повеќе да се посвети на бодибилдингот, бидејќи неговото тело и телесна градба биле погодни за тој спорт. По четири месеци интензивен тренинг се пријавил на државниот натпревар што се одржал во Истанбул кон крајот на септември и почетокот на октомври и станал првак.

„Уште како мал пријателите ме исмеваа поради моите килограми. Тоа беше причината да почнам да вежбам и брзо го засакав овој спорт“, рече Чевик.

Тој истакна дека бодибилдингот е спорт кој подразбира многу дисциплина и напорна работа.

„Морате да пазите на секој детаљ. Ако прекинете со вежбање, ќе заостанете. По дисциплинираното вежбање освоив златен медал на Државното првенство во бодибилдинг и фитнес. Верувам дека на најдобар начин го претставував својот град помеѓу 81 покраина. Се надевам дека на најдобар начин ќе ја претставувам својата земја на Светското првенство во Шпанија и дека ќе се вратам со златен медал“, размислува оптимистички Чевик.

Мустафа Акалтун, тренерот на турскиот национален фитнес и бодибилдинг тим, истакна дека со години вложуваат големи напори да придонесат за развојот на овој спорт во земјата. Верува дека Чевик ќе биде успешен на Светското првенство во Шпанија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.