БРИСЕЛ (АА) - СЕЛЕН ТЕМИЗЕР -
Една од последните живи сведоци на темната европска историја на колонијализмот, Леа Таварес Муџинга, продолжува да трага по правдата за жртвата и нехуманоста што ја претрпела откако белгиските колонијални власти како бебе ја одвоиле од семејството во Конго, пишува Агенција Анадолија (АА).
Муџинга е родена во Касаи, Конго, за време на белгиската колонијална власт во таа африканска земја. Нејзината мајка била Конгоанка, а татко ѝ Португалец.
Поради тоа, била жртва на политиката на изолација што белгиската колонијална администрација ја спроведувала со цел спречување на меѓурасниот соживот и поради фактот што татко ѝ бил белец била третирана како дете на срамот.
Кога нејзиниот татко отпатувал во родната Португалија за да му ја соопшти на семејството радосната вест дека добил дете, колонијалните власти ја одзеле Муџинга од нејзината мајка и ја однеле во интернат на Католичката црква во Конго.
Таа во интервју за АА сведочеше за овој тажен настан што го преживеала кога имала две години и дека околу 13 години живеела во неповолни услови во интернатот „Муџинг“.
„Бев одвоена од моето семејство кога татко ми отпатува да го посети своето семејство во Португалија. Во тоа време тој патуваше со брод и му требаше најмалку половина година да стигне до Португалија. Кога се врати, јас веќе бев одвоена од мајка ми. Ме бараше, но не можеше да ме најде. Бев двегодишно девојче кое не го знаеше ни јазикот на луѓето што ме зедоа“, вели Муџинга (75).

Таа изјави дека децата во интернатот биле оскудно облечени и боси и дека сѐ уште имаат лузни на нозете од тој период. Оризовата каша била единствената храна, а таа често легнувала гладна без перница и соодветна покривка.
„Собата во која бев беше веднаш до мртовечницата, бидејќи зградата на интернатот беше и болница. Никој не би ми поверувал ако ви кажам што слушав и гледав, затоа не сакам да ги кажувам сите детали“, изјави Муџинга.
- „Ја видов мајка ми само два пати за време на тешките 13 години“ -
Муџинга го напуштила интернатот по завршувањето на училиштето, односно кога имала 15 години. За време на целиот престој во интернатот само два пати ја видела својата мајка, која живеела во лоши услови во село оддалечено стотици километри од интернатот.
„Првиот пат таа успеа да ме посети кога имав четири години, а вториот пат кога ја видов беше кога имав осум години и кога ми дозволија да одам кај неа дома во придружба на две лица.“
„Патувањето со чамци и камиони траеше пет-шест дена. Сите пари што ни ги дадоа во интернатот моравме да му ги дадеме на камионџијата. Немавме пари да ја поминеме реката со чамец, но ни помогна жена која беше роднина на мајка ми. Мајка ми спиеше кога стигнавме до нејзината куќа. Таа не можеше да верува дека сум тука. Се гушкавме и плачевме, а потоа видов дека на перницата ја држи мојата облека со која спиела со години“, изјави Муџинга.
По напуштањето на интернатот, Муџинга работела како учителка и брзо се омажила за белгиски пилот со кој има четири деца. Нејзиниот сопруг загинал во авионска несреќа во 1988 година и тоа било нова траума и нов предизвик во нејзиниот живот.
- Писмо до кралицата -
Таа потоа се преселила со децата во Белгија и испратила писмо до тогашната белгиска кралица Фабиола.
„Ѝ напишав дека сум едно од нејзините деца бидејќи така ни кажаа во интернатот. Ѝ напишав дека дојдов во Белгија со моите деца, дека ми го одзедоа семејството, моето потекло и секој вид наследство. Ја прашав дали може да ми помогне. Таа ми одговори, но рече дека не може да ми помогне и дека за тоа треба да се обратам до хуманитарните фондови“, изјави Муџинга.
Таа ги одгледала своите деца и црпела сила за борба од дружбата со четворицата пријатели кои имале иста судбина како деца. Пред три години се обратиле кај адвокат и поднеле тужба против Белгија за злосторство против човештвото.
Првото вакво обвинение за периодот на белгиската колонијална власт Судот во Брисел го разгледа на 14 октомври и се предвидува исплата на отштета од по 50.000 евра.
Адвокатот во обвинението навел дека и Белгија и Црквата ги напуштиле децата во Конго по прогласувањето независност на таа земја и дека биле злоупотребувани од милитантните групи.
Судењето требаше да заврши кон крајот на октомври, но Муџинга сè уште не добила никакво известување.
„Им го одзедоа потеклото и корените на нашите деца. Која е цената за уништен живот? Може ли воопшто да зборуваме за отштета? Сакаме да се донесе закон кој ќе ги заштити илјадниците луѓе вклучени во такви случаи“, порача Муџинга.
Конго беше белгиска колонија од 1908 до 1960 година, а Муџинга рече дека нејзината прабаба исто така била робинка која била брутално третирана од колонијалните власти.
„Белгија како држава сè уште избегнува да се соочи со своето темно колонијалистичко минато. Тие само се извинија и предложија симболична компензација од едно евро“, рече Муџинга.
Нејзиниот син Игнасе Молека не можеше да ги сокрие солзите слушајќи ја болната животна приказна на мајка си и рече дека таа е исклучително силна и храбра жена.
„Не ѝ беше лесно, ниту на нас. Таа е многу силна и само еднаш сме ја виделе како плаче, кога даваше исказ пред адвокатот пред да биде подигнато обвинението. Тоа беше првпат отворено да проговори за тоа“, изјави Молека.
Тој често патува во Конго за да го посети семејството на неговата сопруга, а неговата мајка Муџинга никогаш повеќе не ја посетила својата татковина и нема намера да го направи тоа.
news_share_descriptionsubscription_contact
