Abdullah Doğan
09 Декември 2021•Ажурирај: 10 Декември 2021
КОНИЈА (АА) - Откако пред речиси една деценија премина во ислам и се пресели во Турција, денес јапонскиот професор Каим Наоки Јамамото предава Веронаука во Истанбул на конвертитите муслимани од неговата држава, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во посета на Конија во централна Турција заради учество на меѓународен конгрес, Јамамото раскажа како се запознал и како преминал во ислам.
Јамамото (32) рече дека бил длабоко погоден од моралните и социјалните учења на исламот и преминал во ислам пред 12 години. Потоа дошол во Турција во обид да изучува историја, право, го изучувал Куранот, учел турски и персиски јазик, како и исламски студии во Истанбул.

Јамамото, кој ги продолжи своите студии на истанбулскиот Универзитет „Мармара“, рече дека бројот на муслимани во Јапонија расте секоја година.
„Лесно е да станеш муслиман во Јапонија, но важно е да се живее како муслиман“, рече тој. „Информациите за исламот недостигаат во Јапонија. Тешко е да се живее со муслимански идентитет.“
„Навистина бев среќен кога станав муслиман и сега имам проект: ги носам јапонските конвертити во Турција и ги учам за исламот и самата култура“, објасни тој. „Тие исто така учат турски, арапски и персиски јазик. Ние образоваме муслимани интелектуалци и им даваме можност за едукација.“
Хусеин Џампеи Ватанабе, еден од учениците на Јамамото, рече дека преминал во ислам пред пет години. Почнал да истражувал за исламот поттикнат од неволјите со кои се соочуваат муслиманите во Сирија и Ирак.
„Додека се обидував да научам за нив, наидов на исламот. Сега го учам јазикот во Турција; во мојата земја магистрирам во областа на општествените науки. Кога ќе се вратам назад во Јапонија, ќе им говорам на луѓето за исламот“, рече тој.