İdiris Okuduci
06 Октомври 2020•Ажурирај: 07 Октомври 2020
ТЕРТЕР (АА) - Идрис Окудучу -
Цивилите во азербејџанскиот град Тертер, кој е на нишан на артилериските напади од ерменската Војска, веќе десет дена се во засолништата поради својата безбедност и борба за опстанок, јавува Агенција Анадолија (АА).
Еден дел од граѓаните од 27 септември се наоѓа во засолништата. Други ги напуштија домовите и привремено се преселија во други населби што ги сметаат за побезбедни, бидејќи се далеку од зоната на судири.
Меѓу оние што се во засолништата е и Џавид Хекимов.
„Во засолништето сум со четири деца и комшии. Неколку проектили паднаа во близина на мојата куќа. Меѓутоа, засега нема проблеми. Ќе бидеме тука поради наша безбедност и претпазливост“, појасни Хекимов за АА.
Тој порача дека не се плаши од нападите на ерменската Војска и дека не размислувал да го напушти Тертер.
Ајбениз Абас од Тертер (58), која е во засолниште со својата снаа и внуци, порача дека и покрај ерменските напади врз цивилите никогаш нема да го напушти својот дом и град.
Велејќи дека нејзиниот син и ќерка се сега на фронт, Абас изјави дека и таа во 1991 година војувала против Ерменија.
Во засолниште е и Махир Мехмет, кој како што изјави, е подготен да оди во борба доколку го викнат.
Мехмет од безбедносни причини го испратил семејството во Баку, меѓутоа тој ќе остане и понатаму во Тертер.