Ekip
06 Октомври 2020•Ажурирај: 07 Октомври 2020
АТИНА
Грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, денес изјави дека Грција го поздравува првиот чекор на Турција кон намалување на тензиите во Источниот Медитеран и дека секогаш е подготвена за дијалог, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мицотакис се состана со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во Атина за да дискутираат за последните случувања во Источниот Медитеран и за механизмот на деконфликција со цел намалување на тензиите меѓу двата НАТО-сојузника.
„Разговаравме за сè што се случи последниве месеци во Источниот Медитеран, за работи што го загрозуваат мирот, стабилноста и кохезијата на самото НАТО“, рече Мицотакис на заедничката прес-конференција во палатата „Максимос“.
„Не станува збор за билатерално прашање. Тоа се однесува на сите партнери на северноатлантскиот пакт и претставува предизвик за цела Европа“, рече премиерот.
„Грција е посветена на воздржување од каква било закана или употреба на сила како што е утврдено во основачкиот договор потпишан во Вашингтон“, додаде тој.
„Очекуваме непосреден датум за почеток на истражувачките контакти со единствено прашање за решавање на зоните во Егејското Море и Источниот Медитеран“, рече Мицотакис, нагласувајќи дека е одлучено да се воспостави директна 24-часовна линија за комуникација меѓу воените штабови на двете земји.
Од своја страна, Столтенберг истакна дека дискусиите во Брисел во рамките на НАТО и воспоставувањето механизам за деконфликција се „конструктивни“ и дека тоа значи директна линија за дијалог 24 часа на ден за да се олесни деескалацијата.
Столтенберг им честиташе на „сојузниците“ за овој напор и рече дека механизмот може да помогне да се создаде простор за дипломатски напори, истовремено додавајќи дека треба да постои дух на солидарност меѓу сојузниците според меѓународното право.
Според Столтенберг, „Грција беше во првите редови во борбата за справување со бегалската криза“.
Тој ја искажа својата поддршка до грчките и турските власти, како и до Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС) во оваа битка и ѝ се заблагодари на Грција за сите направени напори.
Посетата на Столтенберг на Атина се случи по вчерашната посета на Анкара во обид двете соседни земји да отворат дискусии што ќе спречат понатамошна ескалација на ситуацијата во Источниот Медитеран.