КОПЕНХАГЕН (AA) – Деветгодишното момче Абдул Самир Захери помина пат од илјадници километри за да стигне до своето семејство сместено во Данска, а во тоа успеа благодарение на Црвената полумесечина на Турција. По долго време, Абдул ги прегрна родителите, пишува Anadolu Agency (AA).
Екипата на АА ги забележа последните денови на Самир во Ерзурум, во Турција, неговиот пат до Копенхаген и средбата со семејството.
Абдул Самир е пронајден сам во Ерзурум. Рацете му беа премрзнати, беше речиси на работ на смртта. Тој беше однесен во болница, а потоа за неговиот случај се заинтересираа турското Министерство за семејни и социјални прашања, Црвената полумесечина на Турција и Црвениот крст на Данска.
Абдул Самир вели дека пред две години, неговите родители заедно со тројцата помлади браќа и со сестра му, тргнале на пат од Авганистан кон Данска, а дека потоа планирале да го доведат него и неговиот постар брат.
Детето истакнува дека веќе не можело да издржи без семејството и по два месеца, со вујко му тргнал по патот на надежта, на кој и покрај зимските услови поминале илјадници километри.
Вујкото вели дека бил исплашен оти детето ќе почине од студот, па го ставил во едно одморалиште во Ерзурум.
„Немавме автомобил. Паѓаше снег и беше ладно. Рацете ми измрзнаа. Подоцна ме пронајдоа и ме сместија во болница“, вели детето Абдул Самир.
Откако потонал чамецот со којшто патувал, вујко му се вратил во Ерзурум каде што го пронашол Абдул Самир, за кој мислел дека е мртов.
Одредено време по лекувањето, Абдул Самир одел на училиште каде што учел турски јазик. Благодарение на студентката по потекло од Авганистан, Хадис Шива (21), со која поминувал многу време, успеал преку интернет да стапи во контакт со семејството.
Детето посака да запрат судирите во Авганистан и на Блискиот Исток, семејствата да не се разделуваат и мигрантите поскоро да се спојат со своите семејства.
Тој истакнува дека му недостасува неговото семејство во Данска, но и братот кој останал во Авганистан.
Шива ниту еден ден не го оставала сам во текот на неговиот престој во Ерзурум и му била како мајка, а и самата таа во 2011 година, со семејството избегала во Турција од војната во татковината.
„Кога го видов, беше во количка, исплашен. Ме праша каде сме, дали ќе го одведеме кај мајка му. Не размислувал за опоравувањето туку за повторната средба со семејството. Лекарите првин мислеле дека би можел да остане без рака, но успеаја да го спасат. Во болница поминал два месеца“, рече Шива и истакнува дека Абдул Самир го сака како свој брат.
Таа вели дека многу ќе ѝ недостасува и дека е многу добро дете. „Тешко да се биде бегалец, не е лесно да се отиде од едно место на друго“, раскажува Шива.
„Не ги познаваш луѓето, не го знаеш јазикот. Како уште еднаш да доаѓаш на овој свет. Тоа е такво чувство. Сакаме војната да биде завршена“, рече Шива.
Ден пред заминувањето во Данска, Самир разговарал со мајка си Рашиде, таткото Џемил и со браќата и сестрите.
Таткото благодарение на Шива имал можност да каже дека му недостасуваат децата и дека сака побрзо да се сретнат.
„Имавме толку многу проблеми, така што моравме две деца да оставиме во Авганистан. Од Авганистан во Иран, од Иран во Турција, Пакистан, Кипар, Грција, сѐ поминавме. Поминавме по патот на смртта. Дури 45 дена одевме по шуми, поминавме мориња и дојдовме во Данска. Едно од децата сѐ уште не може да го надмине она што се случуваше. Не спие“, вели Захери.
Дедото на Абдул Самир го убија талибанците во Авганистан, а таткото Захери вели дека семејството постојано добивало закани.
„Бевме принудени да ги спасиме децата. Можев да спасам само три деца. Сакаа да нѐ убијат. Не можете да го опишете тоа со зборови. Тоа може да го сфати само оној што истото го преживеал“, рече Захери.
Мајката рече дека не спие откако дознала дека повторно ќе го прегрне синот. Откако е извршена потребната процедура, дојде време момчето да се прости од пријателите во Ерзурум, кои сигурно нема да ги заборави.
Заедно со екипата на Црвената полумесечина на Турција и екипата на АА, Абдул Самир преку Истанбул тргна за Данска.
На аеродромот во Копенхаген го пречека семејството, а средбата помина мошне емотивно. Неговата сестра Мерхаба скокаше од среќа, а мајката го прегрнуваше синот.
„Ми го вративте изгубениот син. Мислевме дека веќе никогаш нема да го видиме“, рече таткото на средбата.
Детето Абдул Самир исто така беше пресреќен што повторно го виде семејството и им се заблагодари на сите кои овозможија повторно да бидат заедно.
Потоа детето заедно со семејството тргна кон кампот за бегалци во близина на Копенхаген и со тоа зачекори во новиот живот.