ДИЈАРБАКИР (АА) - Десетици курдски семејства организираат мирен протест пред седиштето на Народната демократска партија (HDP) во Дијарбакир во југоисточна Турција, против регрутирањето на нивните деца во терористичката организација ЈПГ/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓу нив се наоѓа Ајшеѓул Бичер (32), мајка на три деца - две ќерки и еден син - која се лекува од тумор на мозокот.
„Имам само еден син, и него го измамија. Го однесоа во планините“, изјави таа, гледајќи со солзи во очите во отографијата на нејзиниот син.
Нејзиниот син Мустафа имал 16 години кога го напуштил домот утрото на 17 ноември 2018 година.
„Јас бев во болницата во која се лекувам од тумор на мозокот“, изјави Ајшеѓул, потсетувајќи се на денот кога нејзиниот син исчезнал. „Тој беше дома со татко му“, раскажа Ајшеѓул.
„Му кажал на татко му дека ќе излезе со неговите роднини и никогаш не се врати“, додаде таа.
Мустафа бил ученик во религиозното средно училиште „Имам Хатип“, но подоцна се откажал и се префрлил во друго училиште.
„Неговиот сон беше да стане имам. Како успеаја да го измамат мојот син? Полудувам кога мислам на тоа“, вели Ајшеѓул.
Таа верува дека терористите на ЈПГ/ПКК му пристапиле на нејзиниот син преку социјалните медиуми и го натерале да се приклучи во групата.
Ајшеѓул вели дека ги видела пораките што му биле испратени на нејзиниот син преку Фејсбук и Инстаграм, кои ги сподели со властите, вклучувајќи ја и полицијата.
„Тие во пораките велат дека се бореле против ДЕАШ и дека доколку мојот син не им се придружи, ДЕАШ наскоро ќе се спротивстави на Турција“.
„Лице кое користеше прекар три недели му пишуваше на мојот син и му го промени мислењето“, додаде таа.
Ајшеѓул за АА изјави дека забележала голема промена во однесувањето на Мустафа пред тој да исчезне, како и дека честопати се лутел кон членовите на семејството.
„Два дена подоцна, тој замина. Нè контактираа терористите на ЈПГ кои ни рекоа дека нашиот син е со нив. Тие дури го споделија неговото кодно име со нас“, изјави таа.
„Дали мојот син беше разгален? Не. Тој беше тивок, педантен и чист. Што ќе прави мојот син таму, покриен со прашина и нечистотија, користејќи камен како перница и трева како ќебе? Како ќе спие?“, се запраша Ајшеѓул и додадедека нема да се откаже од борбата додека не се врати нејзиниот син.
„Иако не можам да го вратам мојот син, можам да вратам многу млади луѓе и да ги спречам од заминување“.
„Ќе продолжиме да протестираме пред канцеларијата на ХДП. Имаме право да бидеме таму затоа што тие ги научија нашите деца таму. Тие направија нашите деца да ја сакаат ПКК“, рече Ајшеѓул.
Таа додаде дека ѝ се заканувале некои луѓе од ХДП и дека била обвинета бидејќи прима поддршка од Владата.
„Дојдов тука по своја волја“, нагласи таа.
Опозициската партија во Турција, ХДП, со 62 места во Парламентот, долго време беше обвинета од турските власти за поврзаност со тероризам. Градоначалниците на ХДП од три области - Дијарбакир, Мардин и Ван - беа суспендирани поради обвиненија за тероризам минатиот месец.
Ајшеѓул изјави дека верува оти „се игра игра“ во регионот и дека САД ги користат Курдите како средство.
„Јас сум Курд. Ние нема да го прифатиме тоа. Јас нема да ја прифатам оваа игра одиграна од САД“, рече Ајшеѓул.
Првиот таков протест пред седиштето на ХДП во Дијарбакир на 22 август го одржа Хаџире Акар, чиј син, Мехмед Акар, исчезнал. Тридневниот протест вроди со плод и Мехмед е вратен дома, а примерот на мајката Хаџире го следат и другите мајки кои не сакаат децата да им бидат жртви на тероризмот.
Друга мајка, Февзије Четинкаја, започна со протестирање на 3 септемри, велејќи дека нејзиниот син бил принудно регрутиран од ПКК. На неа веднаш ѝ се придружија други мајки. Оттогаш, бројот на семејства кои протестираат пред канцеларијата на ХДП се зголемува.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), е одговорна за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.
ХДП се товари за поврзаност со терористите на ПКК, а повеќе челници на партијата се обвинети за ширење терористичка пропаганда и помагање на терористите.