живот

Стари занаети: Шест децении изработува кочии сакајќи да ги сочува од заборав

„Жал ми е што занаетчиските ракотворби повеќе не ги интересираат младите луѓе. Решив да правам минијатурни украсни кочии за да ја зачувам оваа традиција и убавини“

İbrahim Kahrıman  | 20.10.2019 - Обновена : 25.10.2019
Стари занаети: Шест децении изработува кочии сакајќи да ги сочува од заборав

МАНИСА

Ибрахим КАХРИМАН

Занаетчијата Фаик Уналер веќе шест децении со иста љубов работи во својата работилница во центарот на турскиот град Акхисар и произведува мали кочии и коњски коли што ги красат дворовите во сите делови на Турција и пошироко, пишува Anadolu Agency (AA).

Уналер како 13-годишник почнал да работи како чирак во занаетчиска работилница каде што се правеле коњски запрежни коли, а десет години подоцна се стекнал со титулата мајстор и отворил своја работилница.

Веќе две и пол децении Уналер е во пензија, но и понатаму работи во работилницата, а во тоа не го спречи ниту фактот што кочиите и запрежните коли веќе не се користат во секојдневниот живот на луѓето.

„Жал ми е што занаетчиските ракотворби повеќе не ги интересираат младите луѓе. Решив да правам минијатурни украсни кочии за да ја зачувам оваа традиција и убавини“, вели Уналер во разговорот со АА.

Тој рече дека има многу нарачки од цела Турција, и дека му се потребни 15 дена за да направи една минијатурна кочија.

„Најтешкиот дел од работата е да го одржите ветувањето што му го давате на муштеријата. Квалитетот и времето на испорака отсекогаш ми биле еден вид притисок што ме тера постојано да учам и да бидам сѐ подобар во мојата работа. Ова е случај и денес, кога имам 73 години“, вели Уналер.

На прашањето до кога има намера да работи, Уналер рече дека ќе работи сѐ додека е здрав.

„И кога би сакал, не би можел да ја оставам работата. И сега ја сонувам работата и во сон мерам дијаметар на тркалата и дизајнирам кочии. Тоа едноставно е мојот начин на живот“, заклучи Уналер.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.