Mehmet Fatih Aslan,Mustafa Güçlü
24 Октомври 2019•Ажурирај: 25 Октомври 2019
ШАНЛИУРФА (AA) – МЕХМЕТ ФАТИХ АСЛАН / МУСТАФА ГУЧЛУ –
Ибрахим ел Хасан Елкичел, 70-годишен Сириец, со нетрпение чека да се врати во својот дом во Тел Абјад, кој по операцијата „Извор на мирот“ ќе биде безбеден, јавува Anadolu Agency (AA).
Терористите на ЈПГ/ПКК пред четири години присилно го исфрлиле од својот дом. Денес се наоѓа во областа Акчакале во Шанлиурфа, и оттаму гледа кон својата татковина.
Операцијата „Извор на мирот“, која започна со цел оневозможување на формирањето терористички коридор, близу јужната граница на Турција и за обезбедување мир и спокојство во регионот, стана надеж за Сиријците кои избегаа од прогонот на терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Сиријците се возбудени од надежта дека ќе се вратат во својата татковина, своите домови, кои ги напуштија пред неколку години.
Пред четири години, откако терористичката организација го окупираше Тел Абјад и го заплени целиот негов имот, Ибрахим ел Хасан Елкичел беше присилен да го напушти својот дом. Тој со своето 10-члено семејство се смести во областа Акчакале, Шанлиурфа, веднаш по границата.
Иако дел од неговото тело е парализирано, Елкичел секој ден го посетува местото каде што се наоѓа старата царинска порта, гледа кон неговиот дом и татковината која се наоѓа од другата страна на границата.
Елкичел, многупати за својот дом доживува емотивни моменти. Тој со нетрпение го чека денот кога ќе се врати во својот дом, благодарение на безбедната зона што ќе биде основана во рамките на операцијата „Извор на мирот“.
- „Го гледам Тел Абјад и мојата куќа која е на далечина од 500 метри“
Елкичел, во разговор за АА истакна дека нивниот живот станал темен откако терористичката организација го окупирала Тел Абјад.
Наведувајќи дека членовите на терористичката организација го конфискувале целиот нивен имот, Елкичел нагласи: „Покрај тоа што сум парализиран, насилно влегоа во мојата куќа, ги зедоа и креветите и сѐ што имаше внатре. Пред мои очи со четири комбиња одведоа сѐ што имаше во мојата куќа. Не оставија ниту едно ќебе за да можам да се покријам.“
Елкичел истакна дека откако стигнале во Шанлиурфа, турскиот народ и турската држава ги дочекале на најдобар начин и дека секогаш ќе бидат благодарни на Турција.
Тој исто така посочи дека во Акчакале изнајмил куќа во близината на границата за да може секој ден да го гледа својот дом.
„Секој ден излегувам од мојата куќа во Акчакале и ја гледам мојата куќа и Тел Абјад, оддалечени околу 500 метри од спротивната страна на границата. Мирисот на татковината е многу убав, нема ништо поубаво од татковината. Мојата единствена желба е да се вратам во мојот дом и да живеам со моите деца“, истакна 70-годишниот Сириец Елкичел.
Истакнувајќи дека многу му недостига куќата и дека е трогнат секој пат кога ќе погледне кон Тел Абјад, Елкичел додаде:
„Единствена моја желба за која се молам на Господ е регионот што побргу да се исчисти и што е можно поскоро да биде безбеден. Штом се осигура безбедноста и се отворат вратите, веднаш ќе се вратам во татковината до моите ќерки кои останаа таму. Сакам за последен пат да ја видам куќата и моите ќерки. Бескрајно сум благодарен на турскиот народ и на државата. Фала му на Бога што ни даде можност да живееме во муслиманска држава.“