Bahattin Gönültaş
07 Октомври 2021•Ажурирај: 08 Октомври 2021
БЕРЛИН
Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) соопшти дека глобалните цени на храната го достигнале највисокото ниво од септември 2011 година, поттикнати од силната побарувачка за пченица и растителни масла, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечните промени во меѓународните цени на прехранбените производи, цените се зголемени за 1,2 проценти во септември во однос на август, достигнувајќи просек од 130 поени.
Стапката на пораст изнесува 32,8 проценти во споредба со септември минатата година.
Со споменатата вредност, индексот го достигна највисокото ниво од септември 2011 година.
Се забележува дека глобалните цени на храната се зголемуваат веќе два месеци, главно поради пченицата и растителните масла.
Индексот на цените на житото се зголеми за 2 проценти на месечно ниво и за 41 процент на годишно ниво со ефектот на зголемување на цените на пченицата.
Причина за зголемување на цените се намалувањето на можностите за извоз поради силната побарувачка.
Индексот на цените на растително масло порасна за 1,7 проценти месечно и 60 проценти на годишно ниво, поради силната глобална побарувачка за увоз на палмино масло и недостигот на работна сила во Малезија.
Индексот на цените на шеќерот порасна за 0,5 проценти во споредба со август и 53,5 проценти на годишно ниво. Како причина се наведуваат неповолните временски услови во Бразил, најголемиот светски извозник на шеќер.
Индексот на цените на млечните производи порасна за 1,5 проценти поради силната побарувачка за увоз. Индексот на цените на месото остана непроменет на месечна основа.
Абдолреза Абасиан, високиот економист на ФАО, коментирајќи го извештајот, рече: „Пченицата ќе биде во фокусот во наредните недели. Поради рапидно растечките цени треба да се тестира побарувачката на главните житни култури.“
Во меѓувреме, во својот септемвриски билтен ФАО ги ревидира своите податоци за Индексот на цените на храната. Според тоа, индексот, кој изнесуваше 127,9 поени во мај 2021 година, се намали на 125 во јуни, 124,4 во јули и се зголеми на 128,5 во август.
ФАО, исто така, го објави Збирниот извештај за снабдување и побарувачка на жито, кој вклучува проценки на глобалните трендови на производство, потрошувачка, трговија и акции.
Според извештајот, во 2021 година глобалното производство на жито ќе достигне највисоко ниво на сите времиња - 2 милијарди 800 милиони тони.