Besar Ademi
03 Февруари 2017•Ажурирај: 04 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во EУ- Инфоцентарот во Скопје, Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје ја претстави студијата „Вистинската цена на евтината работна сила – Политики за привлекување на странски директни инвестиции во Македонија, 2007 –2015“, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа студија којашто дава оцена на политиките за привлекување странски инвестиции е составена од два дела. Првиот дел дава преглед на движењето на странските инвестиции во Македонија, во периодот 2007 – 2015, додека вториот се однесува на работните услови и на работничките права во странските инвестиции.
Авторот на студијата, Бранимир Јовановиќ, од Институтот за општествени и хуманистички науки, вели дека наодите од студијата укажуваат на тоа дека Владата на Република Македонија во периодот 2007 – 2015 дала 160 милиони евра за привлекување и помагање на странските инвестиции.
Според студијата, 25 странски фирми добиле државна помош во овој период, а до крајот на 2015 година, овие компании вработиле вкупно 12.600 работници, што значи дека државата потрошила околу 12 илјади евра по вработен.
Јовановиќ додаде дека средствата што овие фирми ги исплатиле за плати на работниците во овој период изнесуваат 92 милиони евра, износ за кој вели дека е значително помал од она што државата го потрошила за привлекување странски инвестиции.
„Главната препорака од овој дел на студијата е дека мора да се ревидира оваа политика, мора да се прекине со политиката на издвојување на големи државни средства за помагање на странските инвестиции, затоа што со нив парите на македонските даночни обврзници завршуваат како добивка на странските компании“, рече Јовановиќ.
Инаку, оваа студија е изработена во рамките на проектот „Адресирање на предизвиците за социјалистичка стратегија и дискурс во Македонија“, кој беше финансиран од Фондацијата „Роза Луксембург“ (Една од најголемите институции на политичкото образование во Германија).
Студијата беше поддржана и од страна на некои институции и здруженија во Македонија, кои придонесоа за додавање на дополнителни наставни материјали.