Burak Bir
13 Април 2020•Ажурирај: 13 Април 2020
АНКАРА (АА) - Кога би легнале да спиеме два часа порано, во атмосферата би имало помала емисија на над 4.000 тони јаглерод диоксид (СО2), бидејќи ќе се намали потрошувачката на електрична енергија за осветлување, сметаат енергетските експерти, пишува Агенција Анадолија (АА).
Научниците спроведоа студија за тоа како спиењето влијае на потрошувачката на електричната енергија и влијанието на јаглеродот диоксид во Турција поради зголемувањето на часовите за спиење во овој период на изолираност поради коронавирусот.
Ерџан Изги, експерт за електричен и електронски инженеринг на Техничкиот универзитет „Јилдиз“ во Истанбул, ја истражувал потрошувачката на електрична енергија во домовите. Хусеин Торос, експерт за атмосферска наука и квалитет на воздухот од Истанбулскиот технички универзитет, даде оцена на промените во емисиите на СО2.
Тие откриле дека би имало приближно 4.130 тони помала емисија на СО2 дневно доколку 38 милиони домови во Турција, каде што за осветлување се користат 100 вати електрична енергија на час, навечер би легнале два часа порано.
Стоте вати е хипотетички износ и не ја одразува просечната потрошувачка поради неколку варијабли, но Изги нагласи дека нивната студија „дошла до заклучок дека со рано легнување и на тој начин помало трошење електрична енергија ќе ги ослободи домаќинствата во економска смисла, но и животната средина во однос на емисијата на СО2“.
„Доколку се обидеме да ги завршиме нашите дневни активности за време на природната дневна светлина колку што е можно повеќе, односно ако осветлувањето се користи помалку во текот на ноќта во домаќинствата, ќе се намали употребата на електрична енергија“, рече Торос.
Во однос на итноста од забавувањето на емисијата на јаглерод диоксид во атмосферата, тој предупреди дека големото глобално затоплување поврзано со емисиите и со климатските промени ја ставаат во опасност иднината на одржливоста, но и безбедноста.
„Количеството СО2 во атмосферата почна брзо да се зголемува во 20 век, додека се проценува дека сè до 1900 година изнесувалo под 300 ppm [делови на милион]. Додека количеството СО2 во атмосферата во 1880 година изнесуваше 291 ppm, тие се зголемија за 42 отсто во 2019 година и достигнаа 412 ppm. Ова зголемување доведе до брза промена на Земјата“, рече тој.
- Влијанието на коронавирусот -
Истакнувајќи дека индустриското производство, потрошувачката на бензин и јаглен брзо се намалуваат поради преземените мерки на глобално ниво за запирање на ширењето на вирусот, Торос рече дека од епидемијата може да се излезе со пoучно искуство.
„Се чини дека нивото на азот диоксид (NO2) рапидно се намалува. Според сателитските податоци, емисиите на СО2 брзо се намалуваат. Соработката за човештвото се зголемува. За континуитетот на намалените емисии поради коронавирусот, имаме глобално поимање за безбедноста и одржливоста на светот“, рече Торос.
Тој нагласи дека затоа треба да му се даде приоритет на пораното легнување на спиење со цел да продолжи намалувањето на емисијата на јаглерод диоксид.
Торос рече дека има потреба од нова кампања на светско ниво: „Легнувам да спијам порано навечер, го намалувам моето влијание во однос на јаглеродот“.
„Ги исклучувам светилките порано навечер за да испуштам помалку полутанти во атмосферата“ и „Имам поголема корист од дневната светлина, го штитам моето здравје и мојата околина“, предложи слогани за заштита на животната средина.
Инаку, во Турција досега има над 52.000 потврдени случаи на Ковид-19, а бројот на починати изнесува 1.101.
Според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“, бројот на потврдени случаи низ светот надмина 1,8 милион, додека смртните случаи достигнаа над 110.000, со речиси 412.000 излекувани лица.