Ivana Ramadanova
26 Декември 2017•Ажурирај: 27 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Националната мрежа против насилството врз жените и семејното насилство денеска во Скопје ја презентираше изработената „Студија на опсег за различни форми на сексуално насилство во Република Македонија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Елена Димушевска од Националната мрежа против насилството врз жените и семејното насилство, студијата е изработена со цел добивање сознанија за тоа колку сексуалното насилство и сексуалното вознемирување се препознава во нашата земја, како и за тоа колку и како се реагира при случаи на сексуално насилство и вознемирување.
„Заклучоците кои произлегоа од интервјуата и фокус-групите велат дека помош и поддршка за жртвите не постои, дека граѓанските организации кои што се специјализирани за сексуално насилство не постојат, и дека најчесто помош и поддршка жртвите на сексуално насилство добиваат од граѓански организации кои се фокусирани на семејното насилство и кои повторно ја немаат во себе потребната стручност и специјализација да обезбедат поддршка на жената која е жртва на сексуалното насилство, особено кога зборуваме за силувањето“, рече Димушевска.
Љупка Трајановска од Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување истакна дека за изработка на оваа студија се добиени информации од институциите, потоа биле спроведени онлајн прашалник, индивидуални интервјуа и фокус-групи со релевантни претставници од институциите и од граѓанските организации.
„Секој трет испитаник од онлајн прашалникот бил жртва на некој облик на сексуално насилство. Дури 123 жени или 3 проценти од вкупниот број жени-испитанички изјавиле дека биле силувани. Дополнително 15 жени навеле дека преживеале обид за силување“, вели Трајановска.
Сексуалното насилство и сексуалното вознемирување се видови родово базирано насилство кои најмалку се препознаваат во Македонија, а со кои жените и девојките секојдневно се соочуваат, посочуваат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Резултатите од онлајн прашалникот покажуваат дека најпрепознаена форма на сексуално насилство е половиот напад, а силувањето во интимна партнерска врска е препознаено како форма на сексуално насилство; исто така и сексуалното вознемирување на работното место е најмалку пријавувано, иако жените и девојките често се соочуваат со таа форма на родово насилство.
Воедно, ова истражување покажало дека сексуалното вознемирување е најмалку препознаено од пошироката јавност, како и оти пристапот на полициските службеници е обесхрабрувачки и ги одвраќа жртвите од пријавување.
За жал, во студијата е дојдено до заклучоци и дека во Министерството за труд и социјална политика не постојат протоколи за постапување со жртви на сексуално насилство, како и дека здравствените работници не се доволно едуцирани и информирани за постоечките протоколи за постапување со овие жртви.
За истражувањето бил користен онлајн прашалник, за ставовите и искуствата на граѓаните во областа на сексуалното насилство, што бил одговорен од вкупно 5.136 испитаници, од кои 745 мажи и 4.391 жени.