Furkan Abdula
26 Декември 2017•Ажурирај: 26 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Стопанската комора на Македонија и Турција (МАТТО) денес ја одржа новогодишната средба со претставниците на медиумите, каде што беше присутна и турската новинска агенција Anadolu Agency (AA).
По овој повод беа доделени признанија за медиумските преставници, меѓу кои и Сервисот на Аnadolu Аgency (АА) на македонски и на албански јазик, и Македонската информативна агенција (МИА), за промовирање на македонско-турските економски односи во 2017 година.

Претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски, во изјава за АА упати голема благодарност до Сервисот на македонски и албански јазик на Аnadolu Аgency за постојаното следење и поради тоа што секогаш се присутни на настаните на МАТТО.
„Во сите настани што се случуваат меѓу Република Македонија и Република Турција, во соработката на економски план, но и во сите останати активности што ги реализира МАТТО, Anadolu Agency (AA) е секогаш присутна, така што ги објавува сите настани. Ние денес, официјално сакаме да изразиме благодарност до Anadolu Agency“, додаде Адемоски.
Тој во своето обраќање пред медиумските претставници нагласи дека МАТТО, со своите активности во 2017 година ја исполни улогата да биде мост помеѓу Македонија и Турција, да придонесе за унапредувањето на билатералните економски и други односи помеѓу двете земји, и нејзините членки со своите деловни активности да ја зголемат и унапредат македонската и турската економија.
„Бевме домаќини и гости на високи претставници на двете земји со што го унапредивме взаемниот дијалог. Од друга страна, бевме домаќини на 90 компании од Република Турција и им овозможивме средби со македонските партнери и воедно ја промовиравме деловната и инвестициона клима. Во средбите со претставниците на владите на двете земји имавме можност да ги изнесеме сугестиите за подобрување на општата деловна и инвестициската клима“, рече Адемоски, упатувајќи благодарност до сите медиуми кои биле активни во информирањето на јавноста за активностите на МАТТО.
Во 2017 година Турција е осми надворешен трговски партнер на Македонија, додека вкупната трговска размена меѓу двете земји изнесува 364.308 долари, што е пораст од 6,3 отсто во однос на 2016 година. Извозот е зголемен за 15,6 отсто и изнесува 69.050 долари, а увозот од Турција е зголемен за 4,3 отсто и изнесува 295.258 долари.
Во периодот од 1997 до 2016 година во Република Макеонија се влезени директни турски инвестиции во износ од 1,7 милијарда американски долари, што претставува 3,3% од вкупните директни странски вложувања.
Инаку, признанието за АА го доби главниот и одговорен уредник на Сервисот на АА на македонски и на албански јазик, Аднан Идриз.