Admir Fazlagikj
26 Декември 2017•Ажурирај: 27 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје се одржа завршната конференција „Одржливи модели за вработување на Ромите“, на која беше истакнато дека Ромите во Република Македонија како етничка заедница се соочуваат со двојно повисока стапка на невработеност од онаа на неромското население, јавува Anadolu Agency (AA).
Општата цел на овој проект, кој започна пред една година, е да придонесе кон одржливо интегрирање на Ромите на пазарот на трудот преку подобрување на нивните вештини за вработување во градежниот сектор, секторот за домување и енергетската ефикасност.
Младен Фрчковски, претставник од Министерство за труд и социјална политика, кој беше еден од учесниците на конференцијата истакна дека вработувањето во Република Македонија е еден од најголемите проблеми со кои се соочува македонската економија. Тој посочи дека невработеноста е општ проблем кај сите ранливи категории во општеството, особено кај младите Роми.
„Анализите кои ги направивме со помош на Меѓународната агенција за труд покажаа дека над 136.000 млади не се активни, ниту пак се евидентирани во Агенцијата за вработување, ниту се вклучени во обуки, ниту пак се дел од образовниот процес. Од нив 80.000 се невработени, 56.000 се неактивни (лица на возраст од 15-29 години)“, истакна Фрчковски.
Тој додаде дека Владата на Република Македонија настојува да ја намали стапката на невработеност преку стратешки документи, преку акциски план за вработување на млади, и она што е најново, од 2018 година ќе биде воведена имплементација за гаранција за млади. Како што рече Фрчковски, Република Македонија е прва земја на Балканот којашто ќе ја имплементира гаранцијата за млади.
Во проектите за ромската популација во Македонија, во последните десет години во обуките се вклучиле над 26.000 Роми, а околу 500-600 Роми нашле вработување преку субвенционирање или преку обуките на Агенцијата за вработување (АВР).
Мерсиха Усеин, советничка во кабинетот на министерот без ресор во Владата на Република Македонија задолжен за спроведување на Стратегијата на Ромите, Аксел Ахмедовски, истакна дека Ромите во Македонија се соочуваат со двојно повисока стапка на невработеност за разлика од стапката на невработеност на неромското население.
„Според податоците со кои располагаме во моментов, стапката на невработеност кај Ромите изнесува 53 проценти, додека пак стапката на невработеност кај неромското населние изнесува 27 проценти. Кај женската популација, стапката на невработеност кај жените Ромки е околу 70 проценти, а кај останатиот дел од женската популација изнесува 35 проценти“, потенцираше Усеин.
Таа посочи дека во последните години наназад, според податоците на АВР, бројот на невработени лица од ромска националност е драстично зголемен, но дека тој феномен не се должи на зголемување на невработеноста, туку поради зголемуање на бројот на регистрирани баратели на работа во АВР.
Нафи Сарачини, програм-менаџер во Делегацијата на ЕУ во Македонија, кој се обрати од името на донаторот, истакна дека овој проблем беше дел од поголема програма во рамките на ИПА1 за развој на човечки ресурси.
„Програмата на активностите ја базираме на принципот дека вработувањето е најдобар начин за социјална инклузија, за јакнење на капацитетите на институциите и луѓето за нивно вклучување на пазарот на трудот“, рече Сарачини изразувајќи надеж дека проектот ќе ги даде очекуваните резултати.
Инаку, проектот „Одржливи модели за вработување на Ромите“ го спроведува Хабитат Македонија, во соработка со ДРОМ од Куманово и Креација од Скопје, а донатор на проектот е Европската Унија.