Husamedin Gina
11 Декември 2019•Ажурирај: 12 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, истакна дека укажувањата на Венецијанската комисија во однос на Законот за употреба на јазиците се необврзувачки и не значат дека по автоматизам Законодавниот дом треба да преземе соодветни мерки, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, по своето обраќање на конференцијата на тема „Реформите во разузнавачкиот сектор во Република Северна Македонија“ даде изјава за медуимите.
Тој, одговарајќи на новинарско прашање дали Законот за употреба на јазиците ќе се најде повторно на дневен ред на Собранието, рече дека укажувањата на Венецијанската комисија се необврзувачки.
„Укажувањата на Венецијанската комисија се необврзувачки и не значат дека по автоматизам Законодавниот дом треба да преземе соодветни мерки, односно активности во однос на укажувањата“, нагласи Талат Џафери.
Во однос на укажувањата дека дел од институциите не се во можност во моментот да ги спроведат сите аспекти за Законот за употреба на јазиците, Џафери рече дека тоа е работа на институциите и дека секоја институција е должна да обезбеди „инфрастркутура" за да ги спроведе законите онака како што ги донел Законодавниот дом.
Џафери исто така истакна дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаат процедурална можност да поднесат предлог за измени и дополнување на Законот за употреба на јазиците, но дека мора да имаат предвид дека „за тоа е потребно двојно мнозинство, односно Бадентерово мнозинство, кое го сочинуваат немнозинските пратеници, најмногу пратеници Албанци, а за тоа кај нив нема расположение."
Потсетуваме, минатата недела вицепремиерот на Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, одржа тематски прес-брифинг за сесијата и заклучоците на Венецијанската комисија поврзани со Законот за употреба на јазиците, истакнувајќи дека „со последното дефинирање на овој закон се постигна баланс во македонско-албанските односи во државата и дека секое еднонасочно поместување во тој баланс ќе отвори магичен круг и спирала која комплетно ќе нѐ помести од патот по којшто сме тргнале".
Исто така, Османи посочи и дека Законот за јазици е „компромисното решение што е постигнато, балансот постигнат во односите и треба како Влада и држава да направиме акциски планови со цел да ја олесниме имплементацијата“.
„Сите забелешки на Венецијанската комисија да ги имплементираме во акциските планови и во создавањето капацитети. Тоа е ставот кој денеска го споделувам и сметам дека тоа е најдоброто решение“, изјави Османи.