Abdula Berisha
11 Декември 2019•Ажурирај: 12 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, заедно со Дипломатскиот клуб ја организира конференцијата „50 години Македонска дипломатија“, на која присуствуваа сегашни и поранешни дипломати од земјава, како и странски дипломати во Скопје, јавува Агенција Анадолија (AA).
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, во својот говор рече дека лекциите од минатото можат да послужат како водич за иднината, потенцирајќи дека улогата на дипломатијата е да гради мостови меѓу државите.
„Треба да продолжиме да избираме проактивност, конструктивност и одлучност во меѓународните односи. Да обезбедиме видливост, препознатливост, да продолжиме да создаваме нови пријатели и да ги одржуваме старите пријателства. Не можеме да чекаме работите да се случуваат сами по себе, мора сами да создаваме можности и да отвораме нови хоризонти“, рече Димитров.
Министерот за надворешни работи изрази задоволство што на 50-тата јубилејна годишнина се одбележуваат најголемите дипломатски успеси, повикувајќи се на процесот на евроатлантската интеграција.
„Нашата крајна цел е преку процесот на европско пристапување да создадеме предуслови за зрело и одговорно демократско општество, по урнек на докажаните европски демократии. Верувам во нашите европски амбиции и потребата од брз европски пробив. Потребно е заеднички да создадеме контекст од кој на крајот сите ќе излеземе како победници, и ние како држава, и регионот, и ЕУ“, истакна Димитров.
Тој потсети дека на Самитот на НАТО што се одржа во Лондон на почетокот од овој месец, Северна Македонија за првпат седеше како рамноправна држава со сите сојузници на НАТО, додавајќи дека за да се заокружи членството, преостана и ратификацијата на Протоколот од страна на шпанскиот Парламент.
Во текот на конференцијата, свој говор имаше и претседателот на Дипломатскиот клуб, амбасадорот Виктор Габер, кој меѓу другото рече дека секоја држава преку својата дипломатија го покажува својот идентитет, културни вредности, традиција и историја.
Свој говор имаше и амбасадорот на Словенија во Скопје, професорот Милан Јазбец, кој зборуваше за сличностите на словенечката и македонската дипломатија, потсетувајќи дека двете држави имаат заедничка историја како дел од поранешна Југославија.
Во текот на конференцијата беше кажано дека во 1969 година се формира Бирото за односи со странство, кое е претходник на современото Министерство за надворешни работи, кое се етаблираше во 1991 година со независноста на државата од поранешна Југославија.