Husamedin Gina
11 Декември 2019•Ажурирај: 13 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, денеска се обрати на конференцијата на тема „Реформите во разузнавачкиот сектор во Република Северна Македонија: постигнувања, предизвици и приоритети“, организирана од организацијата „Центар за демократска контрола на вооружените сили - Женева (ДЦАФ)“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, потсети дека реформите во разузнавачкиот сектор се започнати како резултат на напорите за полноправно членство на Северна Македонија во НАТО и ЕУ.
„Јасно е, реформите не се лесни, ниту омилени, меѓутоа, ние не смееме да застанеме, мораме да се движиме во чекор со времето и промените кои ги носи секој нов ден и секоја одмината етапа во нашето членство во НАТО и ЕУ“, нагласи Талат Џафери.
Претседателот на Собранието информираше дека вчера бил дел од делегацијата што летала на носачот на авиони „Хари С. Труман“, при што нагласи дека „претставува гордост од највисок степен затоа што Северна Македонија е дел од тој моќен сојуз и дел од капацитетите на НАТО."
Според Џафери, „Прирачникот за спроведување на мерките за следење на комуникациите“, кој е производ во рамките на ДЦАФ-програмата, ќе биде дополнително збогатување на основата на кои се темелат реформите во разузнавачкиот сектор.
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев и директорот на ДЦАФ, Томас Гурбер, минатата година потпишаа Меморандум за разбирање и имплементација на Програмата за реформа на Секторот на разузнавачките служби на Северна Македонија за периодот 2017 - 2020 година.
Програмата има за цел да даде ефективен и одржлив придонес кон подобро демократско управување на разузнавачкиот сектор, што ќе придонесе за подобра стабилност, владеење на правото и безбедноста на државата и нејзините граѓани.