Fatjon Cuka
11 Декември 2019•Ажурирај: 12 Декември 2019
ТИРАНА (АА) - Министерскиот состанок за одбрана на земјите членки на иницијативата САД-Јадранска повелба (А5), во албанскиот главен град, Тирана, ги собра претставниците на земјите од регионот и САД, а се одржува во рамките на овогодинешното претседавање со оваа иницијатива од страна на Албанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерката за одбрана на Албанија, Олта Џачка, имаше свое обраќање на отворањето на состанокот, при што истакна дека откако Албанија го презела претседавањето на иницијативата САД-Јадранска повелба во јануари 2019 година, како најголем приоритет ја прогласиле политиката на отворени врати.
„Ја презедовме одговорноста да работиме и да се трудиме со секоја можност за понатамошно проширување и отворање на оваа иницијатива. Ваквите формати ги поставуваат темелите на соработката, зајакнувањето на односите и создавањето пријателски врски и контакти кои се мошне важни за гарантирање на мирот и безбедноста во евроатлантската зона. Ќе продолжиме да работиме за овој приоритет со сите можности што ги имаме“, рече Џачка.
Според Џачка, улогата на иницијативата А5 секогаш била тесно поврзана со промовирањето на реформите во областа на безбедноста и одбраната.
„Секогаш уште повеќе ја забележувам нејзината главна улога во зајакнувањето на односите меѓу нас, во поттикнувањето на соработката и солидарноста, на таа солидарност која беше единственото нешто добро во трагичните денови по земјотресот што го доживеавме на 26 ноември“, нагласи албанската министерка за одбрана.
Заменик-помошникот секретар за одбрана на САД, Лаура Купер, на отворањето на состанокот рече дека САД стојат блиску до Албанија и се во партнерство со сите земји од регионот.
Таа нагласи дека Албанија е извонреден пример за поддржување на операциите на НАТО.
„Можам да ви гарантирам дека ангажираноста на САД за НАТО-алијансата и партнерството што го имаме се многу моќни. Ангажираноста на САД за овој регион исто така ја одразува и проценката што ја имаме за придонесот на вашите земји во глобалната и регионалната безбедност. Безбедноста што ја нудите продолжува да биде важна, но секогаш се вклопува со тактичките и политичките аспекти со ситуациите со кои ние се соочуваме“, додаде Купер.
Таа истакна дека поддршката на САД во рамки на политиката на отворени врати на НАТО не се менува, и рече:
„Ние секогаш сме поддржувачи на прогресот во регионот. САД ја сметаат иницијативата А5 како многу важен елемент за зголемување на довербата за постигнување на нашите заеднички цели“.
Албанија за време на 2019 година претседаваше со иницијативата САД-Јадранска повелба (А5), а дел од состанокот беа и претставниците од министерствата за одбрана на земјите од Балканот. Земји членки на А5 се Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и САД, додека земји набљудувачи се Косово, Словенија и Србија.
Договорот за формирање на иницијативата САД-Јадранска повелба беше потпишан во 2003 година, со цел промовирање и зајакнување на регионалната соработка и безбедност.