Admir Fazlagic
11 Декември 2019•Ажурирај: 12 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Бошњаците од Северна Македонија го осудија доделувањето на Нобеловата награда за книжевност на контроверзниот австриски писател Петер Хандке, негаторот на геноцидот извршен во „заштитената зона на Обединетите нации" во Сребреница, во 1995 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) во писмена изјава за АА истакнува дека тие како бошњачка политичка партија доставиле барање до Владата на Северна Македонија со кое побарале македонската делегација да не присуствува на доделувањето на Нобеловата награда во Стокхолм, Шведска.
„Владата на Северна Македонија го уважи нашето барање и ја користиме оваа можност јавно да се заблагодариме како во името на нашата партија, така и во името на Бошњаците од Северна Македонија“, се вели во реакцијата на БДС.
„Би сакале да искажеме длабоко разочарување што Комитетот за доделување на Нобеловата награда ја додели оваа награда на Петер Хандке иако многумина истакнати поединци, научни работници, институции и други, укажуваа дека оваа награда не смее да му биде доделена. Навистина е непримерно оваа награда да му се додели на овој (не)човек, кој го негира геноцидот во Сребреница и кој активно и ден-денеска ја поддржува политиката што ја водеше најголемиот злосторник од овие простори, Слободан Милошевиќ“, стои во реакцијата на БДС.
„Нобеловата награда од денес не е веќе она што била и што претставувала досега“, сметаат од БДС и истакнуваат: „Системот на вредности е нарушен и можеме слободно да кажеме дека по овој настан веќе ништо не е исто.“
Од Бошњачкиот национален совет (БНС) на Северна Македонија во изјава за АА го осудија доделувањето на, како што истакнуваат, највисокото признание за книжевност на Петер Хандке.
„Бошњачкиот национален совет во Северна Македонија го осудува овогодинашното доделување на највисокото признание за книжевност на Петер Хандке, личноста која јавно го негира извршениот геноцид на тлото на Европа и јавно го слави осудениот идеолог на сите крвави настани на територијата на поранешна Југославија, додека раните се отвораат кога се пронаоѓаат лешовите на убиените и се закопуваат во Поточари секоја година, кога одновно се потсетуваме на страотните масакрирања на Бошњаците на тлото на Босна оваа награда е сол на раната и разочарување кое одново го доживуваме од многу европски институции кои и понатаму се обидуваат да го релативизираат геноцидот и да ги поистоветат злосторниците со жртвите“, се истакнува во реакцијата на БНС.
Исто така, во врска со доделувањето на Нобеловата награда на Хандке, преку изјава за АА реагираше и здружението Бошњачки истражувачки центар „Лилиум Босниакум“ од Скопје.
„Доделувањето на Нобеловата награда на Хандке значи оправдување на воените злосторства сторени за време на распадот на Југославија од страна на Нобеловиот комитет.
Ние како припадници на бошњачката заедница ова го доживуваме како директна навреда и атак на жртвите на геноцидот во Сребреница и на жртвите од агресијата на БиХ“, се вели во реакцијата на Бошњачкиот истражувачки центар „Лилиум Босниакум“.
„Со доделувањето на наградата од страна на кралот Карл Густаф 16 на австрискиот писател Петер Хандке, кој го негираше геноцидот во Сребреница во кој беа убиени над 8.000 Бошњаци, и кој отворено го поддржуваше српскиот национализам и Слободан Милошевиќ за време на војните во поранешна Југославија во 1990-ите години, оваа реномирана институција го губи својот углед и време е сериозно да ги преиспита своите критериуми за доделување на Нобеловата награда“, истакнуваат од ова здружение додавајќи: „Нобеловиот комитет ја разочара широката светска јавност која остро се спротивстави преку организирани граѓански протести и бојкот на доделувањето на наградата на Хандке од страна на балканските држави.“
„Како што изјави босанскиот писател Аднан Махмутовиќ: ’Геноцид не е настан туку процес, чија последна фаза е негирањето. Да не дозволиме тоа да биде легитимирано од наследството на Нобел‘. Дали следната година да очекуваме и доделување на Нобеловата награда на некој којшто го негира холокаустот?“, реагираат од Бошњачкиот истражувачки центар „Лилиум Босниакум“.
Во изминатите денови Косово, Албанија, Турција и Хрватска реагираа поради доделувањето на Нобеловата награда за книжевност на контроверзниот австриски книжевник Петер Хандке и соопштија дека нема да учествуваат на церемонијата за доделување на Нобеловата награда во Стокхолм.
Во сенка на критиките и на протестите, во Концертната куќа во Стокхолм вчера се доделени Нобеловите награди за 2019 година.
Доделувањето на Нобеловата награда на Хандке, во Косово и во регионот предизвика бројни негативни реакции, а одржан е и протест пред Амбасадата на Шведска во Приштина.