Балкан

Димитров - Дармановиќ: Споделуваме заедничка визија за Балканот

Шефот на црногорската дипломатија, Срѓан Дармановиќ, рече дека на средбата оцениле дека односите помеѓу Црна Гора и Република Македонија во сите области константно напредуваат.

Husameddin Gina  | 21.11.2018 - Обновена : 21.11.2018
Димитров - Дармановиќ: Споделуваме заедничка визија за Балканот (Foto: Husameddin Gina/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) – Црна Гора најсилно ја подржува Македонија во имплементацијата на Преспанскиот договор, истакна на шефот на црногорската дипломатија Срѓан Дармановиќ, јавува Anadolu Agency (AA).

Министерот Дармановиќ ова го изјави на денешната конференција за медиумите, одржана заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров, со кој претходно одржа тет-а-тет средба, пленарни разговори меѓу делегациите на двете земји.

Шефот на црногорската дипломатија, Срѓан Дармановиќ, рече дека на средбата оцениле дека односите помеѓу Црна Гора и Република Македонија во сите области константно напредуваат. Исто така, тој се осврна и на Преспанскиот договор, кој во јуни оваа година го потпишаа владите на Македонија и Грција, со цел решавање на спорот со името.

„Веруваме дека со овој чин Македонија направи историски чекор напред во правец на понатамошниот развој. Исто така ги создаде условите за влез во НАТО и отворањето на пристапните преговори со Европската Унија“, рече црногорскиот шеф на дипломатијата.

Министерот Никола Димитров му се заблагодари на неговиот црногорски колега Дармановиќ, на поддршката која ја добива Македонија за нејзините стратешки цели, членството во НАТО и ЕУ.

„Споделуваме заедничка визија за Балканот. Благодарни сме на поддршката на Црна Гора за нашето НАТО членство. Црна Гора е таа што беше пред нас како 29-членка на НАТО, веќе ги доживуваат бенефициите од тоа членство“, нагласи Димитров.

Одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на српските власти дека се изненадени од тоа дека Црна Гора гласала за приемот на Косово во Интерпол, Срѓан Дармановиќ, истакна:

„Јас морам да кажам дека не знам зошто во Србија се прави голема драма од тоа. Ние еднаш гласавме за прием на Косово во Интерпол, само тој глас го повторивме. Ние спаѓаме во стотина и повеќе земји кои го признаа Косово. Во косовско-српскиот дијалог сме конструктивен партнер и ги охрабруваме да најдат решение“, рече Дармановиќ и нагласи дека нема потреба од изненадување за ваквата одлука на Црна Гора.

Во однос на гласањето на Македонија за членството на Косово во Интерпол, шефот на македонската дипломатија, Димитров, одговори дека се работи за конзистентна одлука

„Прашањето не е едноставно и одлуката не е лесна бидејќи со двете земји сме соседи. Меѓутоа одлуката е конзистентна одлука на нашиот однос. Македонија е една од земјите што го призна Косово“, истакна Димитров.

Во рамки на посетата, министрите потпишаа договор за уредување на меѓусебните имотно-правни односи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.