Ekipa
22 Ноември 2018•Ажурирај: 24 Ноември 2018
ТИРАНА (АА) - Најмалку 12 полицајци и неколку демонстранти се повредени во главниот град на Албанија, Тирана, за време на протестите на граѓаните против проектот за изградба на пат во овој град, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред зградата на Парламентот на Албанија во Тирана денес се собраа стотици граѓани, чии куќи, поради изградба на автопат се предвидени за рушење. Протестот е одржан додека траеше седницата на Парламентот, а при обид демонстрантите да влезат во зградата на Парламентот, дојде до судири со полицијата.
Демонстрантите фрлаа димни бомби и различни тврди предмети кон полицијата, при што се повредени најмалку 12 припадници на безбедносните сили. Повредени се и неколку демонстранти.
Албанската полиција потврди дека повредените полицајци се префрлени во болница.
Протестот го поддржа и опозициската албанска Демократска партија, а организаторите порачуваат дека собирањето на граѓаните ќе биде продолжено и во текот на наредните денови.
Албанскиот премиер Еди Рама во изјава објавена на социјалните мрежи порача дека насилството врз полицијата нема да биде толерирано.
Демонстрантите во Тирана бараат да им се гарантира надомест за станбените објекти кои ќе бидат срушени во рамките на изградбата на автопатот. Според проектот, ќе бидат срушени стотици згради, вклучувајќи ги и оние бесправно изградените.
Управата на Градот Тирана вети дека на сопствениците на бесправно изградените објекти ќе им плаќа трошоци за станарина во траење од три години.