Балкан

Дармановиќ: Немавме правна основа да го задржиме македонскиот поранешен премиер

„Немавме никаква правна основа да го задржиме македонскиот граѓанин, однсоно поранешниот македонски премиер, во автомобил со дипломатски ознаки на една странска земја", рече црногорскиот министер Дармановиќ.

Admir Fazlagic  | 21.11.2018 - Обновена : 22.11.2018
Дармановиќ: Немавме правна основа да го задржиме македонскиот поранешен премиер

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Немавме никаква правна основа да го задржиме македонскиот поранешен премиер, затоа што во моментот кога тој поминувал низ територија на Црна Хора на нашите гранични премини немаше никаков сигнал да се работи за лице надвор од законот, истакна црногорскиот министер за надворешни работи Срѓан Дармановиќ, запрашан да го прокоменира бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски за кој црногорската полиција потврди дека поминал на граничен премин на оваа држава, јавува Anadolu Agency (AA).

Шефот на црногорската дипломатија Дармановиќ, престојува во официјална посета на Република Македонија, каде денеска се состана со неговиот македонски колега Никола Димитров, со кој одржаа и заедничка конференција за медиумите.

„Ние како што знаете, немавме никаква правна основа да го задржиме македонскиот граѓанин, однсоно поранешниот македонски премиер, во автомобил со дипломатски ознаки на една странска земја. Затоа што во моментот кога тој поминувал низ територија на Црна Гора на нашите гранични премини немаше никаков сигнал дека се работи за лице надвор од законот", рече Дармановиќ и додаде дека во врска со овој случај ги информирале службите за безбедност во Македонија.

„За се ги информиравме службите за безбедност на Македонија, нашите служби тоа го направија на начин кој меѓу пријателите и партнерите се подразбира, така што од страна на Црна Гора немаше никакви игри и скриени работи, туку се постапи како што налагаат правилата и нашите закони", изјави Дармановиќ.

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров, запрашан од новинарите дали во МНР се повикани амбасадори на Албанија и Србија на ифнормативен разговор во врска со случајот на бегството на поранешниот македонски премиер Груевски, рече:

„Вршителот на должност и шеф на Амбасада на Република Македонија во Тирана имаше средба во албанското Министерство за надворешни работи и информираше за информациите што тие ги имаат а и на други нивоа вон дипломатските контакти има комуникација меѓу Република Македонија и Република Албанија, ја инструиравме нашата амбсада во Белград, соседнаа Србија, да побара средба во МНР и официјални информации, оваа средба барем денес, мислам уште не е одржана. Очекуваме да има една таква средба, за да имаме барем на тоа ниво на дипломатска комуникација, официјални информации од односните држави."

- Димитров: Кога една земја ќе се соочи со предизвик, целиот регион се соочува со предизвик

Запрашан од новинарите за коментарот на спрскиот претседател  Александар Вучиќ дека Македонија е виновна поради бегството на Груевски, поради тоа што распишала доцна потерница и дали случајот со Груевски може да ги наруши односите во регионот, Димитров рече: 

„Имаше коментар од претседателот на Србија и во однос на кривичното дело за коешто е осуден поранешниот премиер Никола Груевски, нешто што не се коментира, ниту за домашни пресуди, уште помалку пак за странски пресуди. Случајот покажува колку е важна регионална соработка. Случајот покажува кога една земја ќе се соочи со предизвик, целиот регион се соочува со предизвик, и обратно. Кога една земја прави добар чекор и чекор напред колку е важно за сите други и за целиот регион. Тоа мислам дека е лекцијата од овој случај. Ние немаме интерес да влошуваме односи."

Тој додаде дека е факт дека ова е време на предизвици и дека е важно земјите да се фокусират на предизвиците.Според него, нема ниту една земја интерес, соседна земја да се соочува со проблем и рече дека порано или подоцна, последиците ги чувствуваат сите.

Откако поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, вчера, на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека Унгарија одговорила позитивно на неговото барање за добивање политички азил, преку писмено соопштение до јавноста реагираше Владата на Република Македонија.

Од Владата информираа дека е испратено и барање за екстрадиција на Груевски проследено со севкупната документација за процесите и пресудата, како и дека очекуваат од властите во Будимпешта дека безусловно ќе го прифатат барањето за екстрадиција.

Потсетуваме, по објавата на Груевски дека е во Будимпешта, информациите ги потврди и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, кое распиша меѓународна потерница за Груевски.

Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“, за набавката на луксузен мерцедес вреден 570 илјади евра.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın