Admir Fazlagic
28 Април 2017•Ажурирај: 29 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Директорот на бирото за јавна безбедност Митко Чавков одржа прес-конфернција на која изјави дека сите вчера биле сведоци на немили настани и инциденти во Собранието кога бил нарушен јавниот ред и мир, при незаконското влегување на толпа луѓе во законодавниот дом. Според него, полицијата немала сознанија за насилни настани и протестите ги обезбедувале како и секој ден, јавува Anadolu Agency (AA).
„Досега оперативниот штаб немаше регистриран инцидент. Немаше дојава за инцидент, затоа полицијата стандардно со ист број на полицајци го обезбедуваше Собранието. За жал по завршувањето на седницата се случија инциденти кои предизвикаа револт кај граѓаните. Какви биле проценките на тие што го планирале сценариото не знаеме, но очигледно тоа ги зголеми безбедносните ризици. Треба време и анализа зошто тие што стоеја зад сценариото тоа го реализираа после 18 часот кога знаат дека тогаш се случуваат протестите. Имаше обиди полицијата да го спречи влезот на масата луѓе, но употребата на сила можеше да предизвика жртви"; рече Чавков.
Тој додаде дека полицијата почна со употреба на сила кога, според него, била неопходна интервенција и кога била загрозена безбедноста на лицата внатре со цел нивна евакуација.
„Откако тоа се случи полицијата започна со увид и идентификација на осомничените. Истрагата ќе продолжи и ќе се утврдува одговорноста на сите инволвирани“, рече Чавков.
Меѓу другото, директорот на Бирото за јавна безбедност, истакна дека полициските службеници се под заклетва дека ќе го бранат Уставот и законите на Република Македонија, дека ќе го штитат територијалниот интегритет и суверенитет на државата и дека ќе бидат гарант за безбедноста на граѓаните и ќе го чуваат јавниот ред и мир.
Додаде дека полицијата веќе двеипол години се справува со сериозни безбедносни закани и предизвици во услови на длабока политичка криза и последиците од неа.
„Полицијата минатата година беше обвинувана дека не употребила сила против насилничките акти на протестите од таканаречената Шарена револуција кога беше вандализирана, ограбена и запалена канцеларијата на Претседателот Иванов. Освен канцеларијата на Претседателот Иванов, во континуитет беа напаѓани и Владата и Собранието како објекти од витално значење, но и објекти на многу други институции", рече Чавков и додаде дека полициските службеници се професицоналци без разлика на обвинувањата.
„Овие полициски службеници се професионалци. Тоа биле и тоа ќе останат без разлика на политичките обвинувања. Крајно некоректно е нивното постапување да се политизира и истите да бидат претставувани како непријатели на државата и македонскиот народ", рече Чавков.
Претходно, МВР соопшти дека во врска со вчерашните настани, досега се приведени 8 лица, а 83 лица побарале медицинска помош.