Admir Fazlagic
24 Февруари 2016•Ажурирај: 25 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Неколку стотини граѓаните се собраа вечерва пред зградата на Уставниот суд на Република Македонија после, според нив срамната одлука на Уставниот суд за поведување постапка за Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување, јавува Anadolu Agency (AA).
Собраните граѓани ги извикуваа паролите „Нема правда- нема мир“, „Судии мафија“, со кои побараа оставки од уставните судии. Дел од присутните граѓани на протестот почнаа да фрлаат јајца кон зградата на Уставниот суд, а организаторите апелираа протестот да биде мирен и ненасилен.
Организатор на овој протест е граѓанската иницијатива „Ајде“ на која и се приклучија и други невладини организации.
Активистката Билјана Бејкова, која се обрати во име на организаторот на протестот и собраните граѓани, вели дека со денешното прифаќање да се разгледа иницијативата со опција да бидат помилувани затвореници осудени за изборен криминал, Уставниот суд "го погази правото и правдата".
"Со оваа срамна одлука Уставниот суд ги погази, Уставот, правото и правдата. Денеска Уставниот суд во суштина стана сојузник на изборните измами кои се случуваат во оваа држава. Во суштина власта призна дека мамела на изборите, а Уставнито суд ја презеде одговорноста. Покрај тоа што очигледно дека судството е партизирано, ова е доказ дека власта се плаши" рече Бејкова.
Со денеска донесената одлука на Уставниот суд претседателот на државата ќе добие право да помилува осудени лица по различен основ. Помилување ќе можат да бараат и осудените за кривични дела против здравјето, за злоупотреба на деца, за дроги, за дела против човечноста и осудените од меѓународни судови. Уставниот суд изрази намера да го укине законот од 2009-та, со кој, на одговорните за вакви дела, не им беше дозволено да бараат помилување.