Admir Fazlagic
07 Јули 2016•Ажурирај: 08 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - „Поради суштинската и итна потреба од демократизација на нашето општество, бараме да се уважи потребата од граѓанско учество во решавањето на кризата. Бараме претставниците на меѓународната заедница и претставниците на политичките партии вклучени во преговорите веднаш да донесат одлука за директно учество на претставниците на граѓанскиот сектор во тековните политички разговори и преговори". Ова е барањето кое денеска пред седиштето на Европската комисија во Скопје го соопштија претставниците на „Шарената револуција" , здружени во 88 невладини граѓански организации, јавува Anadolu Agency (AA).
Сања Богатиновска, која е дел граѓанскиот сектор, истакна дека веќе 18 месеци трае интензивната фаза од политичката криза во Македонија а исто толку траат и напорите на меѓународната заедница и на најголемите политички партии за нејзино решавање, за што рече дека досегашните пеговарачки напори дадоа само делумен резултат, за кој сметаат дека е недоволен за целосна доверба на граѓаните во зацврстувањето јасен план за демократски излез од длабоката политичка криза. Поради тоа, нагласи таа граѓаните беа незадоволни од нетранспарентноста на преговорите и од неможноста да се вклучат во процесот.
„Наша цел е овој преговарачки процес да обезбеди услови за фер и кредибилни услови во кои граѓаните ќе имаат доберба и ќе бидат поттикнати да учествуваат и слободно да ја изразат својата политичка волја. Веруваме дека е можно, во рамките на овој процес, да се обезбеди континуирано информирање на граѓаните за начинот и содржината на разговорите и преговорите. Веруваме дека текот и исходот од преговорите треба да бидат јасно и недвосмислено претставени и објаснети пред граѓаните а со тоа ќе се гарантира дека нема да се повторат досегашните негативни искуства", истакна Богатинова.
Граѓанскиот активист Петрит Сарачини ги истакна причините за граѓанското учество во преговорите за решавање на политичката криза.
„Ќе се обезбеди набљудување на преговарачкиот процес од позиција на граѓанскиот сектор, водејќи се притоа според начелата на работа на граѓанските организации: транспарентност и јавност, непрофитност, непартиско дејствување и иницијативност во јавниот живот, ќе се грарантира навремено целосно и веровостојно презентирање на информациите од преговарачкиот процес пред граѓаните на Република Македонија, ќе се овозможи ставовите на различните заинтересирани граѓански сектори и заедници да бидат претставени и чуени од страните во преговорите, ќе се стави на располагање експертизата на сите заинтересирани организации, граѓански коалиции и независни експерти, со што ќе се понудат решенија кои инаку партиите не би ги имале во предвид", наведе Сарачини, кој додаде дека ваквиот модел на граѓанската вклученост не треба да подразбира дека претставниците на граѓанското општество имаат претставнички мандат, ниту дека тие претставуваат гласачко граѓанско тело.
„Граѓанската вклученост подразбира присуство на различни претставници од граѓанскиот секотор кои ќе бидат вклучени во преговорите, во улога на директни набљудувачи и консултанти", додаде Сарачини.
Претставниците на граѓанскиот сектор во име на 88 потпишани граѓански организации, своето барање за нивно вклучување во прегововите денес го предадоа до Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Амбасадата на САД, како и до четирите најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА.