Zülfiya Yakup
28 Април 2017•Ажурирај: 28 Април 2017
ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Косово, Иса Мустафа, денес му честита на Талат Џафери за изборот за претседател на Собранието на Македонија, изразувајќи увереност дека Македонија ќе ги консолидира своите демократски институции почитувајќи ги еднаквите права за сите нејзини граѓани, јавува Anadolu Agency (AA).
Мустафа на својот профил на „Фејсбук“ нагласи дека Македонија е земја и на албанските граѓани, исто колку и на македонските и на другите.
„Сите ние на Западниот Балкан сѐ уште ги лечиме раните од војната, насилството и непријателството, и затоа треба да го избегнуваме сето зло во изградбата на нашата европска и евроатлантска иднина“, напиша Мустафа.
Претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, му упати честитки на Џафери преку социјалната мрежа „Фејсбук“, изразувајќи уверување дека македонските Албанци ќе продолжат со својата политичка и граѓанска зрелост да играат конструктивна улога, значајна за функционирање на демократските институции и за евроатлантскиот пат на Македонија.
На случувањата во Македонија реагираше и претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој го поздрави изборот на новиот претседател на македонското Собрание, но и апелираше сите да се воздржат од насилни дела. Тој на својот профил на „Фејсбук“ наведе дека стабилноста и функционирањето на демократските институции на Република Македонија е во интерес на нејзините граѓани и на целиот регион.
„Секако дека за Албанците во Македонија, спроведувањето на Охридскиот договор прави рамка којашто обезбедува демократско функционирање на соседната земја, која би сакале да ја видиме како дел од НАТО и од ЕУ“, напиша Тачи.