Adel Omeragic
10 Февруари 2021•Ажурирај: 11 Февруари 2021
ПОДГОРИЦА (АА) - На ѕидот околу Џамијата „Хаџи-Исмаил“ и на влезот во џамијата во Никшиќ, утрово осамнаа натписите „Сребреница“, „Турци“, „Никшиќ ќе биде Сребреница“, и беа нацртани четирите оцила, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сквернавењето на џамијата во Никшиќ се случи еден ден откако вчера на ѕидот на оградата на Џамијата „Османагиќ“ во Подгорица со графит беше нацртан крст со четирите оцила.
Мирсад Аговиќ, претседател на Одборот на Исламската заедница на Никшиќ, рече дека тоа е срамен чин.
„Не нè исплашија ни во 1990-тите, па нема ниту денес. Кој и да го напишал ова, тоа е неговиот образ“, изјави Аговиќ за АА.
Во Никшиќ порано имаше девет џамии. Единствената сочувана џамија е Џамијата „Хаџи Исмаил“.
Хаџи-Исмаиловата џамија, која денес е под заштита на Заводот за заштита на културно-историските споменици на Црна Гора, го преживеа минирањето во 1993 година, кога под минарето беше поставен динамит.